Германската економија веројатно ќе го заврши вториот квартал со невиден пад на економските активности поради условите што ги диктира пандемијата на коронавирусот, се наведува во денеска објавениот извештај на германската Централна банка – Бундесбанк.

Вториот квартал на 2020 година најверојатно ќе заврши со „најголемиот пад на реалниот бруто-домашен производ (БДП)“ од 1970 година, кога германската канцеларија за статистика „Дестатис“ почна квартално да ги објавува податоците за БДП, се наведува во месечниот извештај на Бундесбанк.

„Дестатис“ во четврток треба да ги објави првичните податоци за БДП во второто тримесечје од годината, а економистите очекуваат падот на економијата да достигне двоцифрени податоци, јавуваат германските медиуми.

Во првиот квартал германската економија забележа пад од 2,2 проценти во однос на претходниот квартал.

Германската економија од почетокот на мај почна да закрепнува откако почнаа да се укинуваат или олеснуваат строгите ограничувачки мерки наметнати заради пандемијата.

„Економското закрепнување се очекува да продолжи и во втората половина од годинава“, велат економистите од Бундесбанк, додавајќи дека за тоа ќе придонесе пакетот државна помош за економијата, што неодамна беше усвоен од парламентот.