Од септември поскапува струјата, а за колку, се уште се преговара со енергетските компании, објави ТВ Сител.

Сите пријавиле зголемени трошоци, а колку ќе им се признаат, в петок ќе одлучи Регулаторната Комисија за енергетика. Корона кризата драстично ја намали потрошувачката на струја, не само кај нас, туку и во регионот, што негативно се одрази врз приходите на државните МЕПСО и ЕСМ. Со тоа, според првиот човек на Регулаторна, доведено е во прашање нормалното функционирање на енергетските компании.

-Нема продажба на вишокот електрична енергија од Електрани на С. Македонија. Ако минатата година тие изнесуваа 22 милиони евра, сега имаат само една продажба која изнесува пет милиони евра што прави сериозен притисок врз нормалното функционирање на ЕСМ. Исто така и дополнителните приходи што ги остваруваше МЕПСО од прекуграничните преносни капацитети кои во 2019 година изнесуваа околу 22 милиони евра, оваа година изнесуваат само околу 11 милиони евра. Заради намалената потрошувачка во регионот, овие приходи и во ЕСМ и во МЕПСО за жал, ги немаме во овој период, изјави Марко Бислимоски.

Цената на електричната енергија, согласно Правилникот се утврдува еднаш годишно, до 30 јуни. Но поради вонредната состојба – рокот се пролонгира по барање на енергетските компании. Поради тоа Регулаторна одлучи новите цени да стапат на сила по изборите, односно да се вкалкулираат во септемвриските сметки.