Германија нема да обезбедува финансиска поддршка за Авганистан доколку талибанците по преземањето на власта повторно го воведат шеријатскиот закон, изјави денеска шефот на германската дипломатија Хајко Маас.

-Ние секоја година даваме 430 милиони евра, но нема да дадеме ниту цент доколку талибанците ја преземат државата и воведат шеријатски закон, рече Маас за радиото ЗДФ.

Авганистанските сили се борат против талибанците, кои освоија поголем дел од земјата. Американските разузнавачи веруваат дека би можеле да го освојат главниот град Кабул во следните 90 дена.

Талибанците за само шест веќе освоија десет главни градови од вкупно 34 авганистански провинции, со брзина што ги изненади американските власти.

Талибанците сега контролираат 65 проценти од авганистанската територија и се закануваат да  освојат уште 11 провинциски центри, изјави завчера европски претставник.

Германскиот министер за одбрана во понеделникот ги отфрли повиците нивните војници да се вратат во Авганистан, откако талибанците го зазедоа Кундуз, градот во кој германските војници беа стационирани 10 години.