Германија ќе има речиси 100 милијарди евра помалку приходи од данок поради пандемијата на коронавирусот, процени денеска министерот за финансии Олаф Шолц.

„Споредено со октомвриската проценка, даночните приходи ќе бидат 98,6 милијарди евра пониски отколку што се очекуваше“, се вели во изјавата на експертите на Министерството за финансии, прецизирајќи дека сојузната држава ќе има помалку од 44 милијарди евра, одделни држави 35 милијарди евра и општини 15,6 милијарди евра.

Според новата проценка, вкупните приходи од данок во 2020 година ќе бидат 717,8 милијарди евра, наспроти 799,3 милијарди евра лани.

Оваа година, за првпат по финансиската криза во 2009 година, Германија ќе има пониски даночни приходи, но се очекува да се зголемат следната година. Владата во Берлин го суспендираше лимитот на јавниот долг и планира 156 милијарди евра нови заеми, се со цел да ја поддржи економијата во услови на криза.

Германската Влада предвидува дека ќе има историска рецесија од 6,3 проценти оваа година, поради воведувањето рестриктивни мерки во борбата против пандемијата.