Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска ја претстави новата национална воена стратегија, како одговор на Берлин на растечката закана од Москва.

Бундесверот, германската војска, поминува низ програма за превооружување по руската инвазија врз Украина, додека земјата во јануари повторно воведе доброволен воен рок во обид да го зголеми бројот на војници, пренесе ДПА.

Одбранбениот план на Писториус ја вклучува првата воена стратегија на Германија и анализа на капацитетите на Бундесверот, утврдувајќи ги организацијата, структурата и големината на вооружените сили.

Иако деталите се класифицирани, Писториус изјави дека плановите вклучуваат „развој на Бундесверот во најсилната конвенционална армија во Европа“.

Министерството за одбрана во Берлин ја смета Русија за главна закана со која се соочува Германија.

– Со своето превооружување, таа се подготвува за воен конфликт со НАТО и ја гледа употребата на воена сила како легитимен инструмент за остварување на своите интереси – рече Писториус.

Стратегијата го опишува погледот на Москва кон Западот како фундаментално непријателски и нејзиното прикажување на пристапувањето на демократските земји во НАТО како опколување.

Поради тоа, се смета дека руската влада има за цел да ја ослабне кохезијата во трансатлантската алијанса и да ги одвои САД од Европа, обезбедувајќи проширување на руската сфера на влијание во Европа.

„Русија создава услови за воен напад врз државите на НАТО“, се предупредува во воената стратегија.

Земјата веќе спроведува хибридни операции против државите на НАТО, вклучително и Германија, користејќи шпионажа, акти на саботажа, кибернапади и кампањи за дезинформации со цел да ја дестабилизира Европа.

НАТО има за цел да ги зголеми своите сили на 460.000 војници за да се спротивстави на руската агресија.

Стратегијата на Берлин ја нагласува важноста на прецизното оружје со долг дострел и системите за воздушна одбрана, но и развојот на технологии како вештачка интелигенција, квантно пресметување и роботика.

– На краток рок, ги зголемуваме нашите способности за одбрана и издржливост; на среден рок, се стремиме кон значително, сеопфатно зголемување на капацитетите; а на долг рок, ќе воспоставиме технолошка супериорност – објасни Писториус.