Германската полиција уапси двајца мажи во врска со убиството на политичарот Валтер Либке од партијата на германската канцеларка Ангела Меркел.

Сојузното обвинителство соопшти дека еден од уапсените е обвинет бидејќи на убиецот во 2016 година му продал оружје, а другиот оти му овозможил контакт на убиецот со продавачот на оружје.

Валтер Либке, кој ја предводеше регионалната влада во градот Касел, на почетокот на овој месец беше смртно ранет со огнено оружје од непосредна близина на терасата на својата куќа и префрлен во болница каде им подлегна на повредите.

Подоцна како наводен убиец е уапсен Штефан Ернст, кој има историја на вмешаност во злосторства од омраза уште пред повеќе години, вклучително и бомбашки напад врз бегалците во Хесен во 1993 година.

Официјални лица вчера објавија дека Ернст признал дека го извршил убиството и рекол дека дејствувал сам.