Куќата каде што сега е сместен бугарскиот клуб Ванчо Михајлов, во Битола, припаѓала на еврејско семејство кое било депортирано за време на фашистичката окупација на Македонија.

Оваа информација ја открива германската новинарка Брита Хилперт во репортажа за македонскиот пат кон ЕУ која ја објавува германскиот национален телевизиски сервис ЗДФ.

Куќата каде некогаш живееле протерани македонски Евреи сега како културен центар носи име на Иван (Ванчо) Михајлов, докажан соработник на Хитлер, Мусолини и Анте Павелиќ, кога се погубени над 6 милиони Евреи.

Бугарските фашистички власти во Втората светска војна депортирале над 99 насто од македонските Евреи кои никогаш не се вратиле од логорот на смртта Треблинка.

Новинарката Хилперт во репортажата го прашува директорот на бугарскиот центар Љупчо Горгиевски зарем не е бесчувствително културниот центар да му се посвети на Иван Михаилов, кој соработувал со нацистите?

Но, тој не смета дека тоа е проблем затоа што тој и Бугарите во Македонија имаат своја историја.

– Соработката не е докажана, вели Љупчо Горгиевски.

И додава дека „поважна е неговата улога во историјата на Бугарите во Македонија“.

– Историските книги треба да се променат, вели Горгиевски во репортажата за германскиот медиум.