Коалицискиот партнер на германската канцеларка Ангела Меркел, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) денеска соопшти дека ќе треба детално да го разгледа договорот за миграциската политика, кој шефицата на Владата го склучи со баварските сојузници, пред да даде согласност за него.

Договорот на Христијанско демократската унија (ЦДУ) на Меркел и нејзината сестринска баварска Христијанско социјална унија (ЦСУ) предвидува формирање специјални транзитни зони на германската граница со Австрија, каде што ќе бидат задржани мигранти, кои веќе се регистрирани во други земји членки на ЕУ.

Тие потоа ќе бидат вратени назад – и покрај тоа што, Австрија се уште се нема согласено и веќе предупреди дека ќе ги заштити јужните граници со Италија и Словенија, ако германскиот план стане реалност.

Германскиот министер за внатрешни работи и лидер на ЦСУ, Хорст Зехофер најави дека наскоро ќе ја посети Виена и дека веќе разговарал телефонски со австрискиот канцелар Себастијан Курц.

– Ми остави впечаток дека тој е заинтересиран за разумно решение, изјави Зехофер пред сопартијците.

Пред Меркел да може да го реализира договореното во пракса, социјалдемократите, исто така, треба да дадат согласност за договорот. Се очекува социјалдемократските пратеници денеска да разговараат за таа можност.

Во минатото СПД отфрли слични предлози, а и сега некои високи партиски функционери на социјалдемократите остро го искритикуваа договорот меѓу ЦДУ и ЦСУ.

Првиот човек на младинската организација на  СПД – Јусос, Кевин Кухнерт во интервју за германско радио изјави дека партијата се изјаснила против создавањето затворени институции за барателите на азил и дека не очекува отаа таа едноставно ќе се согласи со договорот на Меркел.

– Транзитните центри на никој начин не се опфатени со коалицискиот договор, изјави за весникот „Велт“ експертот на СПД за миграциски прашања, Азиз Бозкурт, додавајќи дека камповите се надвор од прагот на толеранцијата на социјалдемократите.

Зехофер, бранејќи го планот за центри за задржуање на мигранти по јужната германска граница изјави дека луѓето секако „нема да бидат затворани“.

– Ако се сомнителни, можат да се вратат во Австрија, едноставно нема да можат да влезат во Германија, појасни тој.

И покрај се, сепак, изгледа малку веројатно дека Социјалдемократската партија ќе го раскинат колаицискиот договор со Меркел, со што би предизвикале уште една политичка криза.

Генералната секретарка на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер смета дека социјалдемократите ќе го поддржат договореното меѓу Меркел и ЦСУ.

– Мислам дека ова едно реално решение, со кое социјалдемократите можат да се согласат, рече таа.

Трите коалициски партии вечерва ќе одржат состанок во Берлин на кој ќе разговараат за ова прашање.