Уставните измени, македонските заложби за полноправно членство во ЕУ и претседавањето со ОБСЕ, беа клучните теми во денешниот телефонски разговор на премиерот Димитар Ковачевски со специјалниот пратеник на Сојузната Влада на Германија за земјите од Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Според Ковачевски и Сарацин, Северна Македонија е на патот што води кон напредок и просперитет, а тоа е членство во ЕУ. Затоа е потребна широка поддршка околу уставните измени кои, како што беше речено во текот на разговорот, ќе поминат низ процедура на дискусија и консултации.

Премиерот изрази надеж дека сите политички партии ќе работат заедно за да се унапредат реформите за побрзо членство во ЕУ.

-Премиерот ги потенцираше заложбите на Владата за полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ, што е и стратешка цел на земјата која македонското Собрание ја реафирмираше во 2001 година со донесување на Законот за ратификација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, со што започнаа формалните односи со ЕУ, соопшти владината прес-служба.

Ковачевски и Сарацин разговараа и за процесот на скринингот што почна на 15 септември 2022 година, а се очекува да заврши во ноември годинава и истакнаа дека проекцијата оди брзо и ефикасно.

Во телефонскиот разговор беше потенцирана важноста за нашата земја која 2023 година е претседавач со ОБСЕ. Премиерот ја истакна важноста за меѓународниот успех на Северна Македонија како и дека, претседавањето со Организацијата е признание за покажаниот напредок, кој како земја го демонстрираме во изминатите години.

Премиерот и специјалниот пратеник разговараа и за предизвиците што ги наметна енергетската и економската криза, како и за чекорите што ги презема Владата со антикризните мерки. Разговарани беа и позитивните политики со кои Владата успеа да обезбеди домашно производство на струја за стопанството и граѓаните.

Ковачевски – Холштајн: Новите чекори го отвораат патот за динамичен напредок кон ЕУ

Новите чекори во евроинтеграциите во 2023 година, го отвораат патот за динамичен напредок кон Европската Унија, заклучиле на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката на СР Германија, Анке Холштајн која го завршува мандатот во нашата држава.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, премиерот Ковачевски се заблагодари за големото и искрено пријателство со СР Германија и за големиот придонес на Германија и личните заложби на амбасадорката Холштајн, во развојот на демократските и евроинтеграциските процеси на нашата држава.

На средбата, како што е наведено во соопштението, е пренесена силна поддршка од СР Германија, РС Македонија да продолжи со нови чекори на евроинтеграцискиот пат, посебно во оваа значајна 2023 година. Тоа, како што е констатирано, отвора можности за забрзана динамика до целосното членство во Европската Унија, каде што државава и припаѓа.

 

Поздравени се определбите на премиерот Ковачевски и на Владата за конструктивен дијалог со демократски и интеграциски определените политички субјекти во државата, што се очекува да резултира со натамошен напредок во евроинтеграциите.

Премиерот Ковачевски на средбата посочил дека СР Германија од осамостојувањето на државата, до денес е значаен политички и економски партнер на Македонија и дека поддршката од европските партнери е од големо значење за напредокот на нашата држава.

Претседателот на Владата соопштил дека Владата фокусирано работи на остварувањето на европската стратешка цел, чие што остварување е значајно за квалитетот на живот на граѓаните во Македонија, но и за одржувањето на мотивацијата и за европската ориентација на целиот регион, што се покажа од суштинско значење по војната во Украина.

На состанокот, како што е наведено во соопштението, е разговарано и за надминувањето на предизвиците во економски-енергетската криза од светски рамки, како и за други актуелни политички прашања.