Размената на територии меѓу Косово и Србија е реална опција ако истраат на тоа локалните лидери, а тоа го дозволат големите сили, но тоа на долги патеки би бил чекор кон нови поделби и создавање на Голема Албанија, оценува во интервју за „Дојче веле“ (ДВ) Милан Нич, експерт од Германското друштво за надворешна политика.

Запрашан дали размената на територии е реална опција, Нич вели дека „да, ако локалните лидери се подготвени да истраат во тоа, а истото го дозволат клучните надворешни играчи, големите сили и дипломатски сили”.

Сепак, тој изрази загриженост дека ова нема да биде крај на приказната.

– Илузорно е да се мисли дека може да имате многу мала контролирана размена на територија. Разбирливо е зошто ова е атрактивна идеја кога станува збор за ова мало парче од Балканот – ако зборуваме за северно Косово и Прешево – но, тоа тука нема да запре. Тоа е чекор назад кон нова поделба, која нема да застане во Митровица. Таа ќе започне во Митровица, а утре ќе има голема поделба во Босна и можеби во Македонија. Исто така, ја слушам загриженоста за паралелните аранжмани на Приштина и Тирана: со други зборови, на долг рок таа размена на територии по етнички принцип се смета за чекор кон Голема Албанија, вели тој.

Запрашан дали Германија ја омекна својата позиција за границите на Балканот, Нич рече дека позицијата на Берлин е многу јасна и дека тој не гледа „никаква промена или промена на германската позиција”.

Според него, еден од играчите кои ги менуваат ставовите е „дефинитивно Вашингтон”.

Тој, исто така, рече дека за српската страна, размената на територии од 1999 година беше опција која некои ја одобруваа, а сега, како што додаде, „на претседателот Вучиќ му треба нешто за домашната јавност ако го признае Косово, а тоа значи дека сака некоја територија”.