Зголемениот број протести во Германија против мерките воведени како резултат на пандемијата на новиот коронавирус, кои беа во фокусот на теориите на заговор, наидоа на критики од страна на германските политичари.

Кој ја негира пандемијата за да повика на кршење на мерките за заштита ја користи несигурноста на луѓето и носи поделба во општеството, рече шефицата на Социјалдемократска Германија (СПД), Саскиjа Ескен.

Таа порача дека „гледањето од страна и молчењето не помагаат“. –  Мора да се спротивставиме на тоа, рече Ескен.

Генералниот секретар на ЦДУ, Паул Цимјак рече дека не смее да се дозволи екстремистите да ја користат пандемиската криза како платформа за нивната пропаганда против демократијата.

– Слободата за собирање е основна за демократијата, но заштитата на здравјето не смее да биде загрозена, нагласи тој.

Заменик-шефот на парламентарната група на Зелените во Бундестагот, Константин фон Ноц предупреди за опасноста од радикализирање на протестите.

– Во нашата демократија, легитимно и разбирливо е мерките да бидат доведени под знак прашалник и да се изрази несогласување. Сепак, на протестите доаѓаат сите оние кои во основа го оспоруваат системот и кои ги сметаат политичарите за марионети на Џорџ Сорос и Бил Гејтс, рече Ноц.