Само во текот на минатата година вкупно 18.478 македонски државјани ја побарале среќата во Германија, објавува Дојче Веле.

Од нив, 7.812 останале во земјата и во 2019 година, а 10.666 се вратиле назад во татковината. Во однос на 2017 година, бројот на лица кои останале да работат во Германија е зголемен за 30 проценти, пренесува Дојче Веле повикувајќи се на информации од германското Биро за статистика.

Податоците на бирото за статистика покажуваат дека растот на бројот на доселеници од Македонија започнал во 2011 година кога во Германија пристигнале 5.679 имигранти, но останале само 495. Најголем раст е забележан во 2015 година кога во Германија пристигнале околу 25 илјади доселеници од Македонија, а бројот на македонски државјани во Германија надминува 100.000 луѓе.

Покрај доселувањето на странци, Германците се отселуваат од Германија

Така во 2018 година околу 260.000 Германци се отселиле од Германија, а тоа е за 11.000 државјани повеќе во однос на претходната 2017-та. Во исто време расте и бројот на повратници кои се вратиле во Германија. Најголемиот прилив на имигранти и натаму доаѓа од земјите членки на ЕУ, па така во 2018 година се доселиле 68.000 Романци, 29.000 Хрвати и 27.000 Бугари.