Германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фезер, денеска изјави дека правичната распределба на Украинците кои бегаат од војната во Европската унија е апсолутен приоритет и ги повика сите земји-членки да ги почитуваат одредбите од Договорот за прием на бегалци во рамки на ЕУ.
– Договорот мора да биде имлементиран заеднички од сите, рече Фезер за германските медиуми, притоа искажувајќи поддршка на Франција и особено на Полска која досега има примено повеќе од два милиони бегалци од соседна Украина.
Фезер рече дека денеска повторно ќе разговара со европскиот комесар за внатрешни работи Илва Јохансон по прашањето со бегалците, а со нејзините колеги од државите од Г-7 групата за можностите како бегалците можат да најдат засолниште и во земји надвор од ЕУ како што се Канада, САД и Јапонија.
Во обраќање пред германскиот Парламент, канцеларот Олаф Шолц, рече дека сè уште не може да се знае колку луѓе ќе ја напуштат Украина по руската инвазија.
– Она што знаеме е дека ќе ги има многу, изјави тој пред пратениците притоа нагласувајжи дека бегалците се добредојдени во Германија.