Пишува: Блаже Миневски

Многумина  од најголемите светски писатели, особено од 19-от и почетокот на 20-от век, во своите авторски опуси задолжително имаат и барем по една книга писма. Најчесто тоа се  писма до љубовниците, до нивните музи. Според датите, што задолжително ги ставале на крајот од секое писмо, може да се заклучи дека некои  писатели вакви писма до своите љубени испраќале не само секој ден, туку често дури и по двапати во денот. Во секој слулај, писателите имале љубовници кои им биле инспирација за пишување.

Освен во романите, своите  чувства ги бележеле и во писма што им ги испраќале со брзи, тајни кочии. Големиот Гете, на пример, кој во тоа време живеел во Вајмар, на 28 август 1782 година се пробудил уште во мугрите и веднаш седнал да напише писмо за својата сакана Шарлота фон Штајн:

„Добро утро, – пишува тој, – сакана моја! Зошто си ми токму сега отсутна, па не можам да примам благослов од твоите усни?”

Јохан Волфганг Гете

Во тој стил ќе продолжи и на следните неколку страници. На 17 септември, пак, значи дваесеттина дена по она со „благословбот на усните“, што не значи дека во меѓувреме не и напишал уште писма, Јохан Волфганг Гете на својата Шарлота со крупни букви и признава:

„Тебе ти се посветени сите мои часови”. Се разбира, продолжува да пишува и следните денови, и следните година, работејќи истовремено и на “Фауст”.  Пред да „пукне” пролетна, на 165 март 1785 година,  Гете признава дека за него постојат само две божества – Шарлота и сонот. Сонот  затоа што и кога спие таа е крај него. Веднаш потоа ќе додаде: „Одвај чекам да зборувам со тебе; се насобраа многу работи. Некои можат да се објаснат само со допир”

Бајрон првото сексуално искуство  го имал на деветгодишна возраст!

Сепак, за разлика од Гете, кој на Шарлота и пишувал често, па затоа писмата се релативно кратки, лорд Бајрон пишувал долги, лирски но и епски писма. Своето прво сексуално искуство  го имал на деветгодишна возраст а за тоа била заслужна Меј Греј, семејната дадилка од Шкотска. Полни три години религиозната дадилка со библиски молитви се вовлекувала во креветот на Бајрон за да прават „разни игрички“.

Лорд Бајрон

Освен тоа, Меј му дозволувала да гледа додека таа водела љубов со своите љубовници. Кога дошло време за сексуална активност, младиот лорд веќе имал искуство за тоа. Како и да е, за време на своите средношколски и универзитстки години во родниот Лондон и во Кембриџ, Бајрон приредувал баханалии со проституки, но имал и најмалку две постојани љубовници.

Сепак негова најпозната муза била контесата Тереза Гвичоли. На 25 април 1819 година, кога Бајрон имал 31 година, Тереза ќе го добие неговото писмо во кое признава многу интимни работи, меѓу другото и тоа дека во животот многу „пропатил од тиранијата на љубовта”.

Еве што и пишува Бајрон на својата Тереза пред 199 години:

„Љубов моја, каде си? Овде се ме потсетува на тебе; се е исто, само што ти не си до мене. При разделбите, оној што заминува пати помалку од оној што останува. Немам друго задоволство, освен да мислам на тебе, но сам никако на можам да ги вратам во споменот оние места каде што бевме заедно. Особено оние кои се толку многу врзани со нашата љубов. Останува да се надевам и да не умрам од тага. Овде сакам да ти признаам дека пред да те сретнам тебе, неколку година упорно се обидував да ги избегнам силните чувства, зашто премногу пропатив од тиранијата на љубовта. Искрено, љубов моја, немав намера веќе никого да сакам, ниту се надевав дека мене некој ќе ме засака. Ти ги одвеа сите мои одлуки. Сега сум сосема твој, и ќе бидам таков каков што ме сакаш ти. Можеби, љубов моја, можеби не требаше да го пробудиш моето срце, зашто мојата љубов беше погубна за сите што ги сакав и за мене самиот. Но, сакана моја Тереза, веќе е предоцна; беше моја, јас сум твој , и вечно ќе бидам само твој. Те бакнувам илјада пати, каде и да си!”

Пет година по ова писмо, Бајрон умира.

И не од „тиранијата на љубовта” туку  од маларија!

Чарлс Дикенс

Неговиот сонародник Чарлс Дикенс имал само 12 години кога Бајрон умрел, но, сепак, инспириран од својот претходник или не, и тој пишувал љубовни писма со многу емоции. Имал 20 години кога се заљубил во Марија Биндел, а само една година подоцна ќе и го напише последното писмо.

На 13 март 1833 година Дикенс пишува дека одлучил да и врати се што му подарила: „Желбата да бидете среќни, иако доаѓа од мене, не мора да биде помалку вредна, зашто е искрена и од срце. Верувајте ми дека никогаш ништо нема да ми пружи поголеми радост од веста дека Вие, мојата прва и последна љубов, сте среќни. Ако бидете среќни толку колку што се надевам дека ќе бидете, тогаш Ваше е целото блаженство на овој свет”.

Со писмото, во мало, убаво спакувано пакетче, и ги враќа сите подароци што му ги дала. Се разбира, Марија не била неговата последна љубов. Живеел тој по ова писмо уште 37 години, а не бил во манастир.

Жените се шегуваат со мене

 Во тоа време но преку Ла Манш, во Франција, живеел и љубел уште еден голем присател. Станува збор за Густав Флобер. Имено, авторот на „Мадам Бовари”, можеби најскандалозниот роман на 19-ти век, важи за еден од најдобрите стилисти, мајстор на реалистичкиот детал и психолошката анализа. Со своите романи извршил големо влијание на книжевноста во 19 и во 20 – от век.

Густав Флобер

Мајсторот за детал во прозата, мајстор е и во своите писма испратени до неговата љубов Лујза Коле. Тој е еден од големите светски писатели чии љубовни писма често се подолги од цело едно проглавје на роман. Ноќта меѓу саботата и неделата, на 9 август 1846 година, Флобер и напишал на Лујза писмо долго над десет страници.

Во тоа свое писмо, додека свеќата треперела а месечината висела од гранката на јаворот во дворот, Густав напишал:

„Ќе дојдам повторно, и тоа скоро, зашто мислам на тебе постојано. Постојано го сонувам твоето лице, твоите рамена, твојот бел врат, твојата насмевка, твојот  страстен глас… Да си овде, би те гризал. Ми се јави желба за тоа, иако жените се шегуваат со мене за мојата незаинтересираност, милосрдно говорејќи дека тие, кога би можеле, би ме искористиле, зашто јас не умеам да ги искористам. Меѓутоа, еве, ноќва чувствувам сила на дива ѕверка; љубов која каса со заби, иако не знам дали тоа значи дека сакаш, дека љубиш. Ќе гледам да дојдам некоја вечер околу шест. Ќе имаме тогаш цела ноќ и едно утро. Убаво ќе си поминеме. Јас ќе бидам твоја желба; ти ќе бидаш моја желба, ќе немаме друга желба, па ќе видиме дали ќе се задоволиме. Ах, Лујза, како ти беше убава главата, онака бледа и треперлива под моите бакнежи! Довидување, и не плаши се- те бакнувам таму каде што посакуваш. Се тркалам по тебе…“

За разлика од Флобер, но и од другите таканаречерни западноевропски писатели, руските писатели во своите љубовни писма обично се задржуваат на поезија или на пејзаж, а ретко на „топографијата на женското тело”.

На пример,  во јуни 1880 година, значи токму во годината кога умрел Флобер, веќе прилично возрасниот Иван Сергеевич Тургењев пишува чудно писмо до многу помладата  Марија Гавриловна Савина: „Мила Марија Гавриловна, цел живот е пред вас, а мојот е веќе зад мене. Дали се заљубив во вас, не знам; порано тоа кај мене беше поразлично.Нашата средби во вагонот, мигот кога се почувствував скоро како дваесетгодишно момче, беше последното пламенче во кандилото што се гаси. Не би ви го пишувал ова писмо, мила Марија Гавриловна, ако не чувствувам дека е проштално. Вратата што малку се подотвори; вратата зад која се наѕираше нешто таинствено, се затвори засекогаш. Мила Марија Гавриловна,  не морате да ми одговорите на ова писмо… И ве молам, не возбудувајте се! Вакво писмо веќе нема да добиете”.

Младата убавица се обидела да ја продолжи преписката, но Иван Сергеевич веќе немал ни сили, ни време за тоа. Умрел во 1883 година, три година подоцна. И вратата се затворила за секогаш“.

Ноќница со пеперутки на градите!

Големиот францускиот поет Пол Елијар бил вљубен во убавицата Марија Гавриловна. Всушност неговата љубена се вика Хелена Дмитриевна Џаконова, но тој секогаш и се обраќал со Гала. Меѓу бројните писма е и она од 29 мај 1927 година. Во него тој, меѓу другото, пишува:

„Моја убавице, моја обожувана, тешко го поднесувам твоето отсуство. Се е празно; ми останува само да ја бакнувам твојата облека. Твоето тело, твоите очи, твојата уста, целото твое присуство ми недостига. Ти си единствена; те сакам одовде до вечноста. Кога ќе се вратиш, сакам убаво да те украсам. Дај ми мерка за ноќница!  И враќај се брзо. Без тебе јас сум ништо. Сите други желби, ги остварувам во соништата; копнежот по тебе – само во стварноста.”

Пол Елијар

Не се знае дали купил ноќница со пеперутки на градите за својата Гала, и каква, ако купил, но писма продолжил да пишува. Пишувал, пишувал и , така, со писмата, стигнал до август 1932 година, кога му се измешале соништата:

„Ноќеска непрестано те сонував. Малечка моја Гала, не очајувај за ништо во животот, Јас ќе направам се за да бидеш среќна, зашто ништо не се промени во љубовта кон тебе. Со тебе, и покрај се, ќе делам се убаво што ќе ми се случи. Ти остануваш моја жена за вечни времиња… “

А за тоа како наскоро потоа Гала му ја грабнал Салвадор Дали, во некоја друга прилика

Ете така живееле тогаш писателите.

Пишувале генијални романи, незаборавни песни, но пишувале и писма до своите музи. Во секој случај, пателе од „тиранијата на љубовта” но барем не пателе од „тиранијата на омразата“ како што сега можеби патат современите писатели во  трка по бестселери за еднократна употреба.Додуша за балканските писатели сепак има една олеснителна околност – овде омразата е љубов! А и музите не се задоволуваат само со ноќница. Макар и со пеперутки на градите.