Педесет и четиригодишниот албански уметник Саимир Страти по единаесеттипат влезе во Гинисовата книга на рекорди.

Овој пат за мозаик со ликот на таткото на современа Турција, Мустафа Кемал Ататурк, изработен од 250.000 завртки со различна големина и боја,во вкупна тежина од 140 килограми.

Ликот на Ататурк е претставен на површина од 15 квадратни метри, а мозаикот Страти го изработил за 40 дена. Рекордот е регистриран на 8 август.

Најавено е ова дело да биде поставено во мавзолејот Мустафа Кемал Ататурк(Anıtkabir), а на свеченоста ќе присуствува и авторот.

За првпат во Гинисовата книга на рекорди Страти се запиша во 2006 година со портретот на Леонардо да Винчи изработен од шајки.

Меѓу другите негови спектакуларни дела,со кои се прослави, се и мозаикот на банкнота на долар од шрафови, на која ликот на Џорџ Вашингтон го замени со ликот на Хомер, потоа гигантскиот мозаик со ликот на кралот на поп-музиката Мајкл Џексон, изработен од уметнички четкички, како и мозаикот изработен со зрна кафе на кој е претставен групен портрет на африкански и јапонски тапанар, бразилска танчерка, европски хармоникаш, и американски кантри-пејач.

Од 11-те дела кои се дел од книгата на рекорди,седум се изложени во Албанија.