Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска порача дека има многу силна поддршка за европската иднина на државава и изрази надеж дека државава ќе се придвижи напред со усвојување на уставните измени и спроведување на реформите.
Одговарајќи на новинарски прашања Гир рече дека следните чекори на евроинтеграцискиот пат се одлуки што треба да ги донесат политичките чинители во земјава, а не Советот на Европската унија или земјите членки на ЕУ.
-Има многу силна поддршка за европската индина на РС Македонија и од институциите на ЕУ, но исто така и од земјите членки на ЕУ. Како што знаете со последната одлука што беше донесена во јули 2022 година имаше еден европски предлог што беше усогласен и всушност беше можност за отворање на пристапните преговори со вашата земја. Од друга страна, ова беше можност земјата да се придвижи напред и се разбира за да се придвижи треба да се усвојат уставните измени. Навистина искрено се надеваме дека земјата ќе може да се придвижи напред со усвојување на уставните измени, исто и со спроведување на реформите што всушност се дел на европскиот интегративен пат на вашата земја. Што се однесува на следните чекори, се разбира дека тие се одлуки коишто треба да се носат од страна на вашата земја, на политичките чинители, не е на Советот на ЕУ, ниту од земјите членки на ЕУ, изјави Гир кој со премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерт за европски прашања Бојан Маричиќ беше во посетата на компанија во Скопје.
Прашан за коментар за застарувањето на делото од предметот „Таргет тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство, евроамбасадорот рече дека не може да коментира, но оти ставот на Европската комисија во однос на измените на Кривичниот законик не е сменет. Потсети дека ЕК претходно изрази длабока загриженост во врска со импликациите што ги има принципот на неказнивост поради измените на Кривичниот законик, како и употребата на европското знаменце при нивното носење.
-Мислам дека ставот на ЕК е многу јасен. Нејзиниот став не е сменет. Се разбира, од наша страна ние можеме да кажеме само дека одблиску ги следиме сите случувања коишто се поврзани со судството, се разбира и сите измени или последици коишто произлегуваат од измените на Кривичниот законик. Ќе излеземе со нови оценки, со нови коментари во врска со понатамошни можни идни развои на ситуацијата, изјави Гир.