Раководството на Шкупи продолжува да го засилува тимот кој во новата сезона ќе атакува на титулата. Македонскиот младински репрезентативец Марко Ѓорѓиевски е најновото засилување за прволигашот од Чаир.

Мината сезона Ѓорѓиевски играше за Раднички Пирот во Српската прва лига каде забележа 26 настапи со седум постигнати голови.

– Дојдов во Шкупи затоа што навистина е голем клуб. За овие пет дена колку што сум тука, навистина можам да кажам дека сум прифатен многу добро и мислам дека наскоро ќе напредувам и ќе го дадам најдоброто што можам за да ја оправдам дадената доверба со голови и асистенции. Се надевам дека ќе имаме голем успех во Европа и шампионатот, каде што во нашата земја ќе се обидеме да ја освоиме титулата, изјави Ѓорѓиевски.

Пред да оди во Србија, тој играше за Вардар и Борец.

Фудбалерот доаѓа во Скопје на едногодишна позајмица, со можност клубот да го откупи неговиот договор.