Стевчо Јакимовски ја злоупотребил својата јавна функција со мешање во јавните процеси, кои се однесуваат, меѓу другото, на јавни набавки и урбанистичко планирање, за лична корист и во корист на неговите соработници, изјавија за Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот, на барањето да ја искоментираат изјавата на Јакимовски оти одлуката на САД да го стават на црна листа е „мешање на странски разузнавачки служби во изборот на претседател на државата“.

– Делот 7031(c) предвидува дека функционерите на странски влади за кои државниот секретар има кредибилни информации за директна или индиректна вмешаност во значителна корупција или грубо кршење на човековите права, не се подобни за влез во САД, изјавија од Стејт департментот.

Функцијата државен секретар на САД сега ја извршува Ентони Блинкен. Инаку, САД вчера ги санкционираа градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат Јакимовски, како и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, заедно со членови на нивните потесни семејства, за вклученост во коруптивни дела, поткопување на владеење на правото и довербата на јавноста во демократските институции. Јакимовски најави кривична пријава против непознат сторител за мешање во внатрешни работи.

Извор: ТВ Алфа