Десноцентристичката партија „Обилни луѓе и независни личности“ (ОХНЛ) победи на изборите во Словачка.

Претседателот на партијата, Игор Матович, има намера да формира нова влада од партиите кои досега беа опозиција на актуелниот владин кабинет, што осум години беше предводен од социјалдемократите.

-Ветувам дека заедно со партнерите во демократската опозиција ќе се обидеме да ја составиме најдобрата влада, што било кога сме ја имале во Словачка, изјави Матович, цитиран од Словачкото радио.

Во најскоро време тој очекува да го добие мандатот за составување влада од претседателката на републиката Зузана Чапутова за да може да ги почне преговорите за формирање на кабинетот со политичките субјекти кои влегоа во Националниот совет (парламентот).

Матович ќе се стреми да обезбеди поддршка од речиси 90 од 150-те пратеници на највисокиот законодавен орган во земјата. Тоа посебно ќе му овозможи да се направат промените во националниот судски систем, бидејќи, според него, довербата на Словаците во него е поткопана поради корупцијата и професионалната некомпетентност на определени функционери и судии.

ОХНЛ се појави на словачката политичка сцена во ноември 2011 година. Во досегашниот парламент таа имаше 19 мандати. Партијата има и еден европратеник.

Според резултатите од преброените 92,58 отсто од гласовите за кандидатите на ОХНЛ гласале 24,95 отсто од избирачите. „Правец-Социјалдемократија“, најголемата партија во сегашната владина коалиција, ја доби поддршката од 18,56 отсто од избирачите и веројатно ќе мине во опозиција.

Шест од 24 политички субјекти, учесници на изборите (23 партии и една партискна коалиција), освоија места во новиот состав на парламентот.

Излезноста на вчерашните избори изнесуваше 65,31 отсто