МИА

Ѓорче Петров, убиен на денешен ден во 1921 година, пред Илинденското востание, останал верен на идејата на Гоце за терористики акции, а не за масовно востание.
Токму поради неговиот став кон востанието, не сакал да има никаква одговорност во врска со него.

„Бидејќи се продолжи со подготовката и се разгласи дека востанието ќе се прогласи на Илинден, нарочно го одложив одењето (во Македонија, н.з.) до денот на востанието, за да симнам од себе секаква одговорност“, раскажувал во 1908 година Ѓорче во своите спомени.

Во Македонија, по доаѓањето во прилепско се сретнал со четниците на Лазар поп Трајков од костурско. Таа средба, ја дава можеби комплетната слика за македонската борба:

„Тие беа разбиени во костурско… Преку воденско, гонети од глад, стигнуваат во прилепско со намера да појдат во Бугарија. Грозен впечаток ми оставија, сите беа окапани, голи, боси, како Цигани, и насекаде гонети од војската, изгладнети како волци. Од 300-400 души колку што тргнале од костурско, беа останале 130 души, а другите се одделувале и си оделе во своите родни места. Но, наспроти прилепските четници, предизвикуваа восхитеност. Тие беа херои, наспроти нашиве баби. Еланот во нив не беше убиен“, раскажувал Ѓорче со мешавина на чувства која тешко може да се разбере, уште потешко да се опише.

ЧАНИШТЕ-ЕПСКА БИТКА ЗА КОЈА МАЛКУ ЗНАЕМЕ

И покрај врежаното мислење дека Ѓорче Петров бил салонски револуционер, историјата го помни неговото учество во битката кај Чаниште на 2 октомври 1903 година (нов календар). Околу 140 комити на чело до Ѓорче, Лазар Поп Трајков, Иван Попов, Лука Иванов и Јован Црногорец го зазеле врвот Маргара и започнале борба со една пешадиска бригада која се состоела од 5 500 турски војници. Четите успешно ги одбивале нападите по што се повлекле преку Црна Река. Востаниците имале 4 загинати и 8 ранети додека пак Турците имале загуби од околу 200 – 400 души. Оваа битка била една од најголемите битки водени во Прилепско во текот на Илинденското востание.

НАДМУДРУВАЊЕ СО ДАМЕ
По херојската битка кај Чаниште каде наспроти стотината османлиски војници, загинале само неколкумина четници, Ѓорче решава да остане во Македонија, токму поради неуспехот на востанието. Неуспешно се обидува да организира разурнување на пругата кон Воденско, по што кратко време минува со четата на Толе Паша, кој се обидувал да се ослободи од Ѓорче. Откако успеал во тоа, Толе се облекол во неговата облека, и според Ѓорче, една година подоцна, токму во нејзе и го убиле, по што ја продале на пазарот во Битола.

Напуштајќи ја четата на Толе Паша, Ѓорче се сокрил во Битола. „Отидов во пријателска куќа, кај баба Фанија Аџи Велкова, грчко маало… Таа ме сакаше и не можеше да ми откаже, макар што многу се плашеше. Седев во собата еден месец, без да излезам за да не ме види некој… Додека седев во Битола, на комитетот му ставив до знаење дека сакам да останам тука, но тие, Павел Христов, Лозанчев, дури со знаење на Даме, систематски ме избегнуваа, не ме држеа во тек со настаните и ми даваа на знаење дека можат и без мене… Влегов во преписка со Дамета, го канев да дојде да се сретнеме… Тој не се согласи (му било страв), а после ми јави дека оди во прилепско да се сретне со Перета (сакаше да каже: „Ако сакаш, ела ти тука“)…’“

Тодор Александров

За оваа препирка меѓу Ѓорче и Даме, која изгледа како обид за докажување кој е врвен авторитет во Организацијата, д-р Ванчо Георгиев своевремено ми изјави:

‘Ѓорче малку субјективно гледал на работите. Мисли дека го држат во изолација. Всушност станува збор за тоа дека по востанието, сите се разочарани, доаѓа зима и меѓу нив постои натегање. Факт е дека тие не се ‘мирисаа’ премногу, но подоцна, и покрај овие зборови на Ѓорче, сепак се сретнаа. Мислам дека проблемот е што и едниот и другиот мораа да се кријат како илегалци, како волци, и едниот и другиот се плашат да излезат и да отидат од едно во друго место, па се создава впечаток дека станува збор за нешто друго’, вели Георгиев.

По извесно време, и покрај се, Ѓорче заминува за Бугарија, во 1907 година се оженува, отвора хотел во Варнат (Тодор Александров вели „јавна куќа затскриена зад хотел“) и животот му зазема поинаков правец, се до неговата смрт.

УБИСТВО БЕЗ ИДЕОЛОГИЈА

Ѓорче е убиен на 28 јуни 1921 година. Околу 20 часот и 30 минути, ресенчанецот Реџеп го застерал со неколку куршуми во грб, непосредно пред Ѓорче да влезе во неговиот дом. Подоцна и Реџеп бил убиен. Како нарачател на убиството на Ѓорче е посочен Тодор Александаров. Македонската историја со години во последните 30-тина години се обидува да го расветли тој чин, а поголемиот дел од историчарите, посебно од помладата генерација, убиството на Ѓорче го гледаат во рамки на пресметките во ВМРО започнати во 1907 одина со нарачаното убиство од Јане Сандански на Борис Сарафов и Иван Гарванов. За Ванчо Ѓеоргиев тоа убиство е дел од борбата за тоа кој да раководи со Организацијата. „Тоа е борба за брендот“, вели Георгиев.

Не е никаква тајна дека меѓу Петров и Александров постоела нетрпеливост, а повеќе докази за тоа оставил вториот. Тој во некои писма го нарекува Ѓорче „Велзувел“, што значело „итар, лукав човек“, а во други „Сатана на организацијата“.

За разлика од тоа, Ѓорче не оставил многу пишани докази за неговото мислење за Александров, но нема дилема дека тој за него било непријател.

Починатиот д-р Зоран Тодоровски, еден од најдобрите познавачи на животот на Александров, во разговор со авторот на овие редови, своевремено истакна дека е не спорно кој е нарачател на убиството на Ѓорче.

„Тоа може да се види и од неодамна објавените спомени на Петар Ацев во Бугарија“, тврдеше тој.

Според него, нетрпеливоста меѓу Петров и Александров траела долго време, уште од 1905/06 година година, за да кулминира во деновите кога Ѓорче бил службеник во бугарската Влада, односно ја водел Комисијата за бегалци при Владата која имала за цел да го урниса ВМРО поради поплаките на Србија, односно Југославија кон Бугарија.

Така и паѓа наредбата за убиство“, истакна Тодоровски.

Зоран Тодоровски

Во интервју за весникот „Време“ од 19 јуни 2005 година, на прашањето дали има докази дека Алекандорв ги нарачал убиствата на Петров и Димо Хаџи Димов, Тодоровски одговара:

„Не, но од други извори е познато дека тој ги нарачал убиствата. Јас би рекол дека тоа повеќе било резултат на идеја борба меѓу струи внатре во ВМРО, меѓу десницата и левицата за примат во Организацијата. Во таа борба, се појавија и такви несакани дејствија…“. 

Исто така, и бугарската служба за внатрешни работи заклучува дека Александров е нарачател на убиството на Ѓорче.

Но, во книгата “Под заклетва на ВМРО” (монографија за) Кирил Дрангов, историчарот проф. д-р. Никола Жежов за овој настан истакнува:

Никола Жежов

“Сепак овој податок треба да се земе со извесна доза на резерва затоа што бугарската влада на Стамболиски била во непријателски односи со ВМРО и по секоја цена се обидувала да ја дискредитира Организацијата пред македонските емигранти во Бугарија, а ликвидацијата на еден таков влијателен македонски револуционер како Ѓорче Петров била добра можност да му се препише тој чин на Тодор Александров. Таквата вест јавноста требало да ја прими со верување затоа што во прилог на тоа оделе расправиите, острите преписки обвинувањата и жестоката полемика помеѓу Тодор Александров и Ѓорче Петров.

Тодор Александров во своите изјави по повод атентатот на Ѓорче Петров, декларативно се оградувал од евентуална наредба од негова страна и истакнувал дека и покрај големите разлики со стариот македонски револуционер, никогаш немал намера физички да го ликвидира со помош на атентатори од Организацијата.

Александров сметал дека посочувањето на ВМРО како потенцијален организатор за убиството на Ѓорче Петров било дело на бугарската земјоделска власт која сакала што повеќе да ја искомпромитира македонската организација во очите на Македонците во Бугарија”, посочува проф. д-р Никола Жежов.

Што е точно? Има време, зар не? Историјата, сепак, нема да ни побегне!