Изминувале 50 години од Илинденското востание, па Државниот одбор со поголем број членови донел програма за одбележување на 50-годишнината во 1953 година.

Во програмата, меѓу другото, била предвидена и ексхумација на посмртните останки на Никола Карев од месноста Свиланово, под с. Рајчани, Кочанско, и нивно пренесување во Крушево.

За да се реализира оваа обврска, првин требало да се откопаат посмртните останки на Никола Карев, па ексхумацијата е извршена од страна на посебна комисија, составена од членови на одборот, во присуство на илинденци и претставници на Околискиот одбор – Кочани. Самата идентификација на посмртните останки е извршена и со помош на роднини на Карев.

Посмртните останки на Никола Карев биле сместени во херметички затворена лимена кутија, сместена во мал „саркофаг“ изработен од ореово дрво, со трапезоидна форма, со плиток релјеф на мотиви од афион и тутун, грбот на НР Македонија и натпис „Никола Карев 1877 – 1905“.

Дента пред Илинден, на 1 август 1953 година, точно напладне, саркофагот во кој биле сместени посмртните останки на Никола Карев на свечен и достоинствен начин биле пречекани во Крушево и положени во зградата на Основното училиште, каде што привремено и импровизирано се основал Историскиот музеј – Крушево.

Но, причината за ексхумацијата на посмртните останки на Никола Карев и нивно пренесување во Крушево не била со намера тие да се изложат во импровизиран музеј во простории на основно училиште, туку со намера да бидат трајно положени во мавзолеј, што бил предвиден за изградба на Мечкин Камен.

Oчигледно е дека членовите на Одборот на своја рака, без тогаш неопходните согласности и аминувања од највисоките државни и партиски органи во Скопје, а можеби и Белград, ја донеле и одлуката за сместување на посмртните останки на Никола Карев во мавзолејот во Крушево, и тоа едноставно останало отворено, иако има и своја предисторија.

Имено, во 1948  година, во рамките на скромното одбележувањена 45-годишнината од Илинденското востание, владата на Народна Република Македонија донела решение за распишување конкурс за споменици на борците од националноослободителната борба и Илинденското востание во Битоа и Крушево.

Во конкурсот, во делот што се однесува на Крушево, стои:

„Споменикот во Крушево… да ја изразува херојската борба на илинденските востаници од центарот на востанието – Крушево… и ќе се подигне на местото Црн Врв од месноста Мечкин Камен… каде што ќе се подигне монументален, архитектонско-скулптурен споменик, од типот на маузолеј“.

            Но, изминало доста време и на конкурсот за изготвување идејно решение за мавзолејот во Крушево не се јавил никој од тогашните македонски и југословенски архитекти, скулптори и ликовни уметници.

За целото тоа време додека се воделе расправи и лични контакти со познатите тогашни скулптори и ликовни уметници, чекајќи да се подигне планираниот мавзолеј, саркофагот со посмртните останки на Никола Карев останал во импровизираниот Историски музеј во Крушево, во просториите на долното училиште.

Димче Мире се сеќава:

„Посебно се ангажираше во Крушево, Сретен Сојановиќ, 1955 година дојде и разговараше, јас го повикав професорот Лапе. Сакаше горе-долу да навлезе во основната подлога на македонската национална литература. Го однесовме во Крушево. Во куќата каде е прогласено, сето тоа, доаѓа два-три пати. Беше формирана комисија од 16-17 души. Ја водеше професорот Димче Коцо … Ние го прифативме за изградба споменикот мавзолеј во Крушево. Комисијата ја заврши работата“.

            Познатиот тогашен југословенски скулптор Сретен Стојановиќ го изработил проектот и врз основа на него изготвил и посебна макета од мавзолејот. Се чекала само уште дозволата за почеток со работите за изградба и подигање.

Имајќи го предвид тоа Одборот за пролава на 50-годишнината од Илинденското востание во својата програма зацртал:

„На Мечкин Камен ќе се изгради монументален мавзолеј во чест на паднатите за слободата на Македонија илинденски востаници. Мавзолејот ќе се изгради од мермер и ќе биде висок 40 метри“.

            Но, како што тогаш биле подредени работите, повисоки инстанции го запреле почетокот на изградбата, а со тоа и подигањето на мавзолејот на Црн Врв, покрај Крушево.

Во последниот разговор што Димче Мире го имал со Сретен Стојановиќ во Скопје го замолил скулпторот да појде кај Лазар Колишевски како кај негов познајник и пријател за тој директно да му каже „каде е застанато“. Тој се враќа кај мене, го гледам по изразот на лицето дека маф ни е работата. Си отиде и повеќе не дојде. Кој го спори градењето? Во секој случај некој кој се поставил над оваа комисија.

На Единаесеттата седница на Републичкиот комитет за образование, култура и физичка култура одржан во Скопје на 8 јануари 1990 година, од чија работа постојат и стенографските белешки, присуствувале и тогашниот претседател на Одборот за прослава на 50-годишнината од Илинденското востание и претседател на Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија, Страхил Гигов, како и секретарот на Одборот, Димче Мире, кој тогаш во 1953 година бил и претседател на Народното собрание на НРМ.

Со оглед на неопходната потреба на Републичкиот комитет овие двајца поранешни високи функционери и најнепосредни учесници во сите активности и за мавзолејот во Крушево и за 50-годишнината од Илинденското востание, како и за подоцнежните случувања, ги повикале и тие присуствувале на Единаесеттата седница на Комитетот одржана на 8 јануари 1990 година во Скопје за да ги изнесат своите сведочења за сите релевантни околности во контекст на мавзолејот и прославата.

Интересен е следниов дел од нивниот дијалог:

            „Страхил Гигов: Ова што го кажуваше другарот Мире, меѓутоа, целата работа е околу реализацијата на тие одлуки. Таму имаше доста одлуки околу реализацијата на тие одлуки – кој, што и како правел, сето тоа може да се испита.

            Не те разбирам (се обраќа на Д. Мире) дали кај Стојановиќ отишол. Кој лаже.(?)

            Димче Мире: Лазар Колишевски. Кога се врати (Стојановиќ), прашав што е работата а тој ми рече: ‘Ништо од споменикот (мавзолејот)’ и си отиде,

            Страхил Гигов: А ти како Одбор …

            Димче Мире: Нема што, ние како Одбор завршивме.

            Страхил Гигов: Дали го свика Одборот?

            Димче Мире: Прво, јас не сум го водел Одборот. Јас реков и уште еднаш ќе повторам: Тоа го спречивте вие на врвот. Можеби и ти си бил таму.

            Страхил Гигов: Сигурно сум бил таму, но не сум го спречил.Те прашувам, ако си го слушнал тоа, си требал да одиш во Одборот и да кажеш дека вака се работи.

            Димче Мире: Ние сме завршиле сè и сме го примиле.

            Страхил Гигов: Некој го руши решението.

            Димче Мире: Некој го стопира.

            Страхил Гигов: Кој?

            Димче Мире: Лазар Колишевски“.

Во недостиг на пишан документ за стопирање на изградбата на мавзолејот, ова тврдење на Димче Мире дека Лазар Колишевски е тој што лично ја стопирал изградбата на мавзолејот во Крушево, каде што требало да се постави саркофагот со посмртните останки на Никола Карев, мораме да го прифатиме за сосема точно и автентично.

Во јули 1956 година, конечно, се отворил Историскиот музеј во Крушево и од просториите на долното училиште саркофагот со посмртните останки на Никола Карев бил пренесен во новоадаптираните простории на Историскиот музеј, во куќата во која денес се наоѓа Музејот на Илинденскоото востание и Крушевската Република, со што посмртните останки на Никола Карев станале музејски експонат.

Дури на 11 април 1990 година, по цели 37 години, посебна државна комисија во присуство на повеќе високи републички и општински функционери, преку посебен записник и фотографски снимки, документирајќи ги деталите на целиот настан, ги отвори саркофагот и лимената кутија во него, во која беа сместени посмртните останки на Никола Карев.

Голем број граѓани, роднините на Никола Карев, претставниците на највисоките републички органи, членовите на посебната државна комисија и на Одборот за определување и реализација на трајно решение за сместување на посмртните останки на Никола Карев, го исполнија просторот во куполата на споменикот „Илинден“. Со самото доаѓање, тројца свештеници, над отворените посмртни останки на Никола Карев извршија помен со чинодејствување. Потоа роднините на Карев и младинци во комитска облека, според обичајот, го целиваа ковчегот простувајќи се од својот предок и од водачот на крушевскиот слободарски Илинден од 1903 година, од претседателот на Крушевската Република.

На крајот од овој чин, посмртните останки на Никола Карев беа преместени во посебен бакарен сандак, кој беше положен во специјално за таа пригода направен отвор во дебелиот бетонски под на споменикот „Илинден“, директно наспроти влезот во куполата, каде што и денес се наоѓа. Веруваме за трајно. /дј

(При изготвувањето на текстот е користена монографијата на Кочо Топузоски, „Никола Карев 1877 – 1905 – Патешествија низ документи“, „Матица македонска“, Скопје, 2008)

МИА