Стоиме пред вас како луѓе кои 8 години се соочуваат со системска неправда, истакна Јане Ченто кој поднесе кривична пријава против поранешниот јавен обвинител Вилма Рускоска за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба и овластување.

-Доставивме докази до Јавното обвинителство поврзани со случајот 27-ми април кој сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој беше водена истрагата и текот на судскиот процес. Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во таа постапка, меѓу брат на еден висок функционер и сведок, на можни договори со обвинителот, како и насочување за сведочењето кое го даде сведокот во таа постапка. Сведокот со изјава заверена на нотар изјавува дека неговиот претходен исказ даден во постапката бил невистинит и дека на истиот му било ветено дека ќе му се помогне во други кривични постапки доколку даде таков исказ, рече Ченто.

Посочи дека дополнително, постои и вештачење од овластен судски вештак на мобилни телефони, кое ја поткрепува изјавата на сведокот заверена кај нотар.

Ченто го повика ЈО темелно да ја разгледа кривичната пријава и доставените докази.

Според Ченто, ова не е обичен случај, туку, како што вели, станува збор за основано сомневање дека биле користени незаконити докази, дека се вршел притисок врз сведоци и дека е донесена пресуда врз основа на монтирана постапка.

-Ова денес не е политичка изјава, туку чекор заснован на документи и сериозни сомнежи за сторени кривични дела. Сите докази со кои располагаме се доставени до Јавното обвинителство и очекуваме тие да постапат професионално и без одлагање – рече тој.

Од Јавното обвинителство велат дека пријавата ќе биде примена и ќе се проверат наводите.

-Како и секоја пријава ќе биде примена и ќе се проверат наводите – велат оттаму.

Апелациониот суд минатата недела донесе одлука со која не го прифати барањето за повторно судење на осудените за насилството при упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

-Жалбата е неоснована. Судот го ценеше жалбениот наод за сторена суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 ст.1 т.11 од ЗКП, меѓутоа истиот не го прифати како основан, со оглед да образложеното решение не содржи такви недсостатоци поради кои што не би можело да биде испитано во однос на неговата правилност и законитост, изреката на решението е јасна и разбирлива, а во образложението се содржани доволно причини за решителните факти и заземени правни ставови на судот, се вели во одлуката на Апелација, која е потврда на решението на Кривичниот суд од декември.

Јане Ченто заедно со уште 15 други лица во 2019 година беше правосилно осуден на 13 годишна затворска казна под обвинение за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ а во предметот „27 април“ поврзан со упадот во Собранието. Предметот го судеше судијката Добрила Кацарска, сега судијка во Уставниот суд.

Дел од обвинетите во случајот добија амнестија со законот кој беше донесен во Собранието кон крајот на 2018.