Се уште е активен шумскиот пожар што избувна денеска над велешкото езеро Младост и во моментов се шири кон селото Новачани.
Како што информираат од ТППЕ Велес за МИА, поради силниот ветер пожарот се раширил во два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица, каде во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга.
Постои опасност, поради ветрот огнената стихија да се прошири и кон автопатот Скопје – Велес.
Во пожарот досега не се зафатени хотелите и куќите од викенд населбата, нема жртви ниту повредени.
Со пожарот е зафатена борова шума, а во неговото гаснење се вклучени екипите на Територијалната противпожарна единица Велес, на кои им помагаат и пожарникарите од Кавадарци, Штип и Свети Николе.
Со два авиона од воздух во гаснењето на огнената стихија е вклучена и Дирекцијата за заштита и спасување, активирана е и подрачната единица на Општина Велес и останатите надлежни институции, како Армијата со еден хеликоптер, и полицијата.