Шумски пожари во Западна Турција ги загрозуваат домовите на периферијата на градовите и воените споменици на полуостровот Галиполи. Пожарникари се борат со пожари низ цела Турција денеска, откако сувите, топли и ветровити временски услови доведоа до серија пожари, вклучително и еден кој ги загрози спомениците и гробовите од Првата светска војна на местото на битката на полуостровот Галиполи.
На полуостровот, каде што сојузничкиот десант (Антантата) беше одбиен од османските војски во 1915 година, пламените достигнаа до гробиштата „Кентербери“, каде што се погребани војници од Нов Зеланд.
Пожарот денеска беше ставен под контрола. Службените лица изјавија дека пожарот започнал од искра од електрични водови, која се проширила во шумските предели.
На други места, сепак, продолжената работа на итните екипи трае денови и ноќи. Турскиот министер за земјоделство и шуми, Ибрахим Јумакли, рече дека екипите сè уште се борат со 17 од 47 активни шумски пожари.
Во западниот дел на Турција, пожарот ги загрози куќите на периферијата на Измир, третиот по големина град во земјата, каде што синоќа избувна шумски пожар. Жителите ги напуштија своите домови бидејќи околу нив паѓаше пепел.
„Пожарот во регионот Доганчај, за жал, достигна до населените области поради ветрот. Ги замолуваме нашите граѓани кои живеат во регионот да ги евакуираат своите домови што е можно поскоро“, напиша на социјалните мрежи градоначалникот на областа Ирфан Јонал.
Додека густ чад се издигаше во небото, стотици бездомни животни беа извлечени од општинските засолништа, а локалните медиуми известија дека пламен со висина до 30 метри се приближува до станбен комплекс во Доганчај.
Пожарникари кои не беа на должност беа повикани на помош, а за гаснење на пожарот беа користени и водни топови на полицијата.
– Нашите екипи работат со сите сили за да спречат пожарот да достигне до станбените области, изјави градоначалникот на Измир, Џемил Тугáј.
Во окрузите Маниса и Гордес, пожарите веќе трети ден беснеат во селските шумски предели во северозападна Турција. Близу 80 домови беа евакуирани, а поголемиот дел од објектите во селото Карајакуп претрпеа сериозни штети од огнот.
Во меѓувреме, во близина на Болу, пожарникарите втор ден се борат да го изгаснат пожарот. Турција мобилизира десетици авиони, стотици возила и илјадници службеници за борба против пожарите. Јумакли предупреди на зголемен ризик од шумски пожари за време на викендот поради ниската влажност, силните ветрови и високите температури.
– Нашите способности и капацитети за интервенција се ограничени до одредена точка“, рече тој за новинарите. „Не е можно да победиме во оваа битка без поддршка од нашите граѓани, рече тој.
Главната дирекција за шуми ги предупреди луѓето да не палат оган на отворено во следните 10 дена поради сегашните временски услови во Западна Турција, предупредувајќи на 70 проценти поголем ризик од шумски пожари.
фото: ДПА