Владата денеска во 08.30 часот ќе одржи седница за предлогот на Управувачкиот комитет за воведување кризна состојба во траење од 30 дена поради состојбата со пожарите.

-Донесена е одлука за кризна состојба за 30 дена на Управувачкиот комитет, а утре сабајле во 08:30 часот ќе се одржи седница на Влада и ќе се донесе одлуката, изјави синоќа Заев за ТВ21.

Центарот за управување со кризи претходно соопшти дека Управувачкиот комитет на седница го прифатил предлогот на Групата за процена и предлага на Владата да донесе одлука за постоење на кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена.

-Групата за процена, составена од директорите на ЦУК, ДЗС, АНБ, БЈБ, Агенција за разузнавање, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, раководителот на службата за воена безбедност и разузнавање, замениците директори на ЦУК и ДЗС, и советникот за национална безбедност од кабинетот на Претседателот, попладнево одржа седница на која поради зголемениот обем на пожарите, зголемениот ризик за граѓаните и неколку други причини, донесе едногласна одлука да му предложи на Управувачкиот комитет (министрите за внатрешни и надворешни работи, одбрана, здравство, транспорт и врски, како и раководителот на групата за процена) да и предложи на Владата да донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на РС Македонија заради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена, информираше ЦУК.

Координација за гасење на пожарот над село Умлена

Во село Умлена во моментов (околу полноќ) се прават координации помеѓу пожарникарските единици од неколку градови од земјава, а штотуку пристигнаа и пожарникари од Скопје. Забележително е големо присуство и на полицајци и од специјалните единици за брзи интервенции кои заеднички прават во моментов план за гасење на пожарот над селото Умлена.

Засега сите сили се сконцентрирани над ова село, а во утринските часови ќе се префрлат над селото Робово.

Според градоначалникот на Општина Берово, Ѕвонко Пекевски, нема повредени во пожарите, ниту пак некој да се пожалил на некои полесни повреди при гаснењето на пожарите.

Во моментов на терен се и екипи на Црвен крст, вкупно 16 волонтери кои се логистичка поддршка на пожарникарите и полициските сили, државните и комуналните претпријатија од земјава и делат вода на сите коишто учествуваат во гаснењето на пожарите.

Се очекува денеска рано наутро да полетаат и петте хеликоптери како што најави на својот „Фејсбук“ објави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Локализиран пожарот во близина на карбинското село Крупиште, кај местото викано Цапара

Пожарот што избувна вечерва покрај регионалниот пат Штип – Кочани зафатил површини сува трева поради што сообраќајната полиција еден час го регулирала сообраќајот, а половина час бил и затворен за сообраќај.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев вели дека станува збор за површина од 10 хектари, а според првичните информации станува збор за пожар предизвикан од запалено стрниште.

Насев посочи дека благодарение на месното население и на пожарникарите пожарот е локализиран и ниту еден човечки живот не е загрозен, ниту недвижен имот.

Нормализиран сообраќајот на патот Штип – Кочани

Нормализиран е сообраќајот на магистралниот пат Штип-Кочани, соопшти вечерва Автомотосојузот на Македонија.

Сообраќајот беше во прекин во двата правца од 21 часот поради пожар во кој гореа стрниште и ниви и се ширеше кон магистралниот пат.

Поради пожарите во Пехчевско, вечерва неколку часа беше во прекин и сообраќајот на регионалниот патен правец Делчево – Пехчево, но веќе е нормализиран.