Пожарите кои вчера избувнаа на повеќе локации низ земјава, во текот на ноќта се локализирани, но и натаму се активни и не е отстранета опасноста од нивно разгорување и проширување. На терен се противпожарни екипи со возила и механизација, припадници на Армијата, на Дирекцијата за заштита и спасување, и граѓани кои помагаат.
Пожарот во Кочани што синоќа се закануваше да зафати и делови од градот се уште е активен. Од Територијалната противпожарна едница-Кочани за МИА информираа дека е голема веројатноста оти ќе се поврзе со опожарените места кај селата Бања и Тркање, каде што имаше пожар пред неколку дена.
Утрово се прави обиколка на терен пред да се ангажираат хеликоптерите за гаснење на пожарот.
Пожарот во Ранковце е локализиран и ставен под контрола, објави на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Активен е пожарот кај Старо Нагоричане и мобилизирани се екипи за негово гасење.
За денеска е закажана седница на групата за процена на која ќе биде разгледана сериозноста на ситуацијата со пожарите и, како што најави директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, доколку е потребно ќе биде предложено да се прогласи кризна состојба на дел од територијата или на целата територија на државата.
Претседателот Стево Пендаровски на предлог на Генералштабот на Армијата, а по анализа на состојбите, нареди да се прогласи тревога на целокупниот состав на Армијата за справување со елементарни непогоди.
Оваа одлука, како што соопшти Пендаровски, е донесена со цел да може во координирана акција со сите институции целокупниот состав на Армијата да се стави на располагање за справување со пожарите на територијата на државата.
Премиерот Зоран Заев кој синоќа го посети Кочани, изјави дека со здружени сили се прави се да се надмине состојбата предизвикана од пожарите. Тој нагласи дека Владата ќе изнајде начини за да ја надомести материјалната штета, без разлика дали станува збор за опожарени покриви, куќи или за уништена стока.
– Важно е да знаат сите дека солидарноста во државата функционира. Целиот систем е ставен преку ЦУК, Дирекцијата за заштита и спасување со ППЕ и општинските штабови функционираат имајќи предвид дека само денеска се лоцирани 13 пожари коишто беснеат на територијата на целата држава. Беснеат и во соседството. Важно е да ги споделиме сите ресурси и важно е што сме сите активирани, истакна премиерот синоќа во Тркање, Кочанско каде беше придружуван од министерот за здравство Венко Филипче, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Премиерот изрази благодарност и до војската и до полицијата, кои, како што напомена не се обучени за гаснење на пожар, но сепак се мошне важни во менаџирањето на граѓаните, кои се во паника од ваквите ситуации, како и во евакуација на цивилното население.
Заев информира дека претседателот Стево Пендаровски разговарал со бугарскиот претседетел Румен Радев за помош, а тој самиот стапил во контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој потврдил дека за денеска ќе ни отстапат неколку хеликоптери. Разговарал и со техничкиот бугарски премиер Стефан Јанев во насока на правовремено дејствување со сите расположливи ресурси.
– Тоа значи дека наутро треба да дејствуваме и да превенираме се што може да биде жариште, кое што прво ќе загрози луѓе, потоа куќите, а понатаму секако и шумите коишто горат во државата, рече синоќа Заев и додаде дека во моменот се загрозени и подрачјата на Македонски Брод, Делчево и Пехчево…
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека во пожарите нема повредени лица, во смисла на изгореници или тешки повреди, но, има околу десетина лица кои се јавиле во кочанската болница паради тоа што вдишале чад.
– Четворица пациенти се пуштени дома, а петмина се задржани во болница и примаат кислородна терапија. За неколку часа ќе бидат испратени на домашно лекување. Ние го мобилизиравме целокупниот здравствен систем во сите здравствени домови и болници во околината. Со оглед на тоа што е време на летни одмори, телефонски ги контактиравме и докторите и медицинските сестри и сите се на „стенд бај“ и во Кочани и во здравствениот дом во Штип. Се надевам дека нема да има потреба за интервенција, рече Филипче.
Владата, пак, соопшти дека од денеска стапува во сила целосна забрана за движење во шумските предели. Владата апелира до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата, заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите.
Пожарот кај Кочани локализиран, денеска ќе се гасне огнот во атарот на Костин Дол
Пожарот кај Кочани во текот на ноќта е локализиран и ставен под контрола. На одделни места во близина на селото Тркање од рано изутринава сѐ уште се забележува чад од огнот што зафати шумски појас и нискостеблеста вегетација во пречник од десетина километри.
Околу 500 припадници на територијалните противпожарни единици од повеќе градови во државата, од Армијата и месно население ноќеска учествуваа во гаснењето на огнената стихија. Во изминатото деноноќие таа сериозно ги загрози населбите на западната страна од градот, поголем број производствени капацитети во зоната Лесна индустрија, склад со течни горива и гас, како и земјоделски површини со лозови и други насади.
-По обиколката што утрово ја направивме на локациите што беа зафатени со пожарот околу Кочани и Тркање констатиравме дека нема опасност од негово повторно ширење, но на терен и понатаму ќе останат противпожарните единици за да ја контролираат ситуацијата. Сега приоритет ќе дадеме на гаснењето на огнената стихија во атарот на планинските села Костин Дол и Новоселани, каде гори дабова и букова шума на неколку десетици хектари. Без воздушна поддршка таму е невозможно да се интервенира, поради што на терен веќе излегоа хеликоптерите на Армијата. Сакам да упатам благодарност до сите граѓани, особено младите од Кочани, кои синоќа беа солидарни и масовно помогнаа да се спречи катастрофа околу градот, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.
Во текот на денот ќе почне увидот на состојбата со куќите и другите објекти што беа зафатени од пожарот кај Кочани, за да може општинската комисија за проценка на штетите да изготви записник.
Пожарот кај Кокино ставен под контрола, жаришта има во месноста „Кокински дол“
Пожарот кај Кокино е ставен под контрола, но противпожарните служби од Старо Нагоричане утрово информираат дека нивни екипи се упатуваат кон непрооден пат на уште три жаришта во месноста „Кокински Дол“ каде не може да се интервенира со возила, ниту пак има пристап со лесни возила.
– Во моментов наши екипи и и припадници на Армијата се упатуваат кон овие три жаришта. Цела ноќ, екипите се на терен, делумно е локализиран пожарот-изјави командирот на противпожарната единица, Далибор Трајковски.
Екипите на противпожарната единица на Старо Нагоричане, со поддршка на пожарникарите од Куманово, Скопје, Ранковце, припадници на шумското стопанство, припадници на Армијата на МВР, на ДЗСИ мештани цела ноќ го гасеа пожарот кај Кокино во кој беше зафатена поголема површина на борова, дабова и нискостеблеста шума. Пожарот почна да се шири на 1. август во попладневните часови.
Вчера во текот на денот во гасењето беше вклучен и хеликоптер на Армијата. Претходно беа и евакуирани и жители.Во кумановско, целосно е изгаснат пожарот во Мургаш и Пезово, екипите села ноќ го гаселе пожарот кој е видлив од источната страна на Куманово.Во моментов има пожар од другата страна на ридот кој е префрлен во атар на село Бељаковце каде што гори нискостеблеста дабова шума, пративме екипа и на тој реон, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Утрово локализиран пожарот во Ранковце
Шумскиот пожар што вчера зафати голема површина во атарот на селата Отошница и Радибуш во Општина Ранковце рано утрово е локализиран, информираат од Јавното претпријатие Македонски шуми, подрачно шумско стопанство „Осогово”, Крива Паланка.
-Пожарот кој вчера стихијно се ширеше во најголем дел од реонот на селото Отошница и дел село Радибуш и опожари и шуми и ливади, но за жал и куќи на месното население, е локализиран околу полноќ. По неговото првично локализирање повторно се појавија одредени жаришта, на кои се интервенираше, така што целосно е локализиран околу два часот утринава. Со пожарот е зафатена голема површина борова и дабова шума, ливади, а проценка и мерење ќе се врши во текот на денот, изјави Ивица Митовски, директор на ПШС „Осогово”, Крива Паланка.
Поради сериозноста на ситуацијата со пожарот, синоќа во Ранковце на местото каде пожарникарите и мештаните се бореа со пламените јазици беа и вицепремиерот за борба против корупција Љупчо Николовски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
–Службите се на терен, сите надлежни институции се активирани, со цел да се стави под контрола оваа состојба. Состојбата ја следиме будно, координирано работиме со сите надлежни институции, со цел најитно спречување на поголеми штети. Државните органи се во полна подготвеност, да се справиме со ова успешно и ефикасно. Вечерва остануваме на терен, заедно со граѓаните, со сите екипи, затоа што безбедноста, заштитата на населението и материјалните добра е наш врвен приоритет, напиша Николовски на својот Фејсбук профил.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, напиша дека по локализирање на пожарот со вицепремиерот Николовски и со македонската полиција се упатиле кон Старо Нагоричане каде има активни пожари.-Во текот на ноќта будно ќе ја следиме состојбата, државата ги мобилизира сите свои сили со кои располага за ставање на состојбата под контрола и целосно гасење на пожарите. Голема благодарност до граѓаните, пожарникарите, полицајците, ЈП Национални Шуми, градоначалниците на Ранковце, Крива Паланка, Пробиштип и Старо Нагоричане кои помогнаа во справувањето со состојбата. Апелирам до сите граѓани да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите, напиша Спасовски.
И во Крива Паланка во текот на вчерашниот ден се регистрирани повеќе пожари и тоа во селата Варовиште, Конопница и Кошари, м.в.Црвена нива, а опожарени плевна, куќа, дрва за огрев, сува трева, нискостеблеста деградирана шума и дабова шума.
Армијата се вклучи во гаснењето на пожарот кај Пасјак во делчевско-пехчевскиот појас
Делчево, 3 август 2021 (МИА) – Припадниците од Вториот баталјон од касарната Јане Сандански од Штип од рано утрото активно се вклучени во гаснење на пожарот во близина на шумскиот појс помеѓу општините Делчево и Пехчево кај селото Пасјак. Кире Цоневски соработник за превенција заштита и спасување при Општинa Делчево информираше дека покрај армијата и екипи на Територијалните противпожарни единици од регионот, во гаснењето се вклучени и делчевските Просторни сили.
-Во моментот се одвиваат активности за локализирање на пожарот кај Пасјак. Зафатена е поголема површина, припадници на армијата се на терен, заедно со противпожарната единица од Делчево и М.Каменица, Јавното комунално претпријатие и просторните сили во Делчево. Доколку има потреба од воздухоплови испратено е барање до Дирекцијата за заштита и спасување и армијата и тие ќе дејствуваат согласно законски пропишаните мерки, информриа Цоневски.
Тој ја потврди информацијата дека синоќа во координација со делчевскиот градоначалник и Итната помош е извршена евакуација на немоќното население од селото Пасјак.
-Со нив е се во ред, тие со возило на Брзата помош се пренесени кај свои роднини и пријатели во Делчево, додаде Цоневски.
По пристигнувањето на армијата во селото е помирно, велат жителите.
-Во пожарот изгоре паша за стоката, армијата пристигна во 4 30 и сме благодарни што помагаат и што од Шумско стопанство „Голак“ пуштија една машина „теге“ да се оспособат патиштата. Активен е пожарот, најверојатно е големо пространство во површина, сигурно е во радиус од околу 5 километри, вели Љупчо Пановски, жител на селото.
-Малку е смирено не е баш како што беше, луѓето што се неподвижни ги пренесоа во Делчево, овде е војската, тука се луѓето да гасат, така што моментално е мирно, вели Благој Николов.
Според Иван Митковски од село Пасјак, зафатена е цела Средна планина, гори борова шума и смрека, точна површина не се знае но според него зафатена е поголема површина
Пожарот во Пасјак избувна вчера околу пладне, а поради ветрот неконтролирано се ширеше на повеќе места. Според дел од припадниците на граничната полиција кои исто така се на терен пожарот има зафатено делови од шумата во близина на врвот Бејаз Тепе кај селото Разловци.