Царински службеници, при контрола на граничниот премин Богородица на автобус со турски регистарски ознаки, кој сообраќал на редовна линија Гостивар – Истанбул, во чанта на еден од патниците, македонски државјанин, пронашле 100.000 евра кои не биле пријавени.

Од Царинската управа информираат дека на патникот вратени му се 2.000 евра, износ што резидент може да го изнесе без да го пријави, а останатите 98.000 евра се привремено одземени.

– На 26.07.2023 година околу 21 часот на излез од државата се пријавил автобус со турски регистарски ознаки кој сообраќал на редовна линија Гостивар – Истанбул. При контрола на автобусот и патнците, во лична ташна на еден од патниците царинските инспектори откриле непријавени четири пакувања обвиткани со црн најлон и селотејп трака во кои се наоѓале вкупно 100.000 евра, се вели во соопштението.

Против лицето е поднесена соодветна пријава до надлежниот Основен суд.