Незавршени, и неставени во употреба патишта, како и локални улици се дел од листата на Владата за изградени нови 1300 километри патишта. За време на владеењето на премиерот Ковачевски, нов е само експресниот пат Крупиште-Кочани, а на останатите километри патишта е извршена реконструкција, објави Радио Слободна Европа (РСЕ)

Само знаците сведочат дека на автопатот Пријателство веднаш после наплатната рампа кај Петровец кон Катланово се врши реконструкција. Но, освен возилата на кои им е отежнато движењето, на лице место градежни работи нема, иако ова е еден од најфреквентните патишта во земјата и е дел од паневропскиот Коридор 10.

Коловозните ленти во двата правци во должина од по 5 километри се реконструираат од септември 2020 година, но во меѓувреме Владата го раскина договорот со изведувачот. Причината, како што изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски е поради тоа што прогресот на работите на терен изнесувал само околу 10 проценти.

Најновите рокови на надлежните се дека реконстукцијата ќе биде готова оваа година, но РСЕ во октомври лани го посети патот и сликата и тогаш и сега е иста.

Тоа не ја спречи Владата и овој пат да го стави на листата која брои над 1300 километри патишта со кои во изминатиот период се пофали премиерот Димитар Ковачевски дека се изградени во последниве 5 години, откако СДСМ е на власт. Но, само мал дел се нови патишта и претежно се работи за реконструкција и рехабилитација на веќе постоечките патишта.

– Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој и ќе овозможи подобар живот за сите, порача премиерот Ковачевски при објавата на видеото на социјалните мрежи.

Целата статија на РСЕ може да ја отворите ТУКА.