Градежната комора при Сојузот на стопански комори (ССК) ја поздравува владината одлука данокот на додадена вредност при првата продажба на становите да остане пет отсто до 2023 година и најавува продолжување на постојните, како и нови инвестиции.
Според членките на Комората простор за градење има, а цените на становите нема да се намалат, но не постои можност ниту за зголемување на краток рок.
– Ја поздравуваме владината одлука за продолжување на мерката со која дополнително ќе се стабилизира секторот високоградба, ќе продолжат сите стопирани инвестиции, но и ќе почнат нови. Од ова, освен градежните фирми, бенефит ќе имаат и купувачите на станови, како и дополнителните преку 20 гранки поврзани со градежништвото, рече на денешната прес-конференција претседателот на Градежната комора на ССК, Ивица Јаќимовски.
Тој апелира да продолжи реализацијата на капиталните инвестиции, патишта, железницата, гасификацијата, водоводните и канализациските мрежи… зашто само така може, оцени да има економски раст.
Јаќимовски очекува во наредните неколку месеци трендот во нискоградбата да стане позитивен. За целосна реализација на предвидените проекти во градежништвото, ниско и високоградба, неопходно, дополни, да се почитуваат динамичките планови.
Во врска со изградбата на станови, Јаќимовски укажа дека се неопходни нови урбанистички планови за планско градење и подобар животен стандард.
Цените на становите се движат од 1.000 до 1.300 евра за метар квадратен во централните градски подрачја и од 650 до 900 евра на перифериите.