– Хуманитарен настан за поддршка на „Мускулна дистрофија асоцијација – Македонија“ (МДА-Македонија) се одржа денеска во „Бифе Тафталиџе“ во Скопје, каде граѓаните имаа можност преку донации и купување примерок од најновата книга на драмскиот писател и колумнист Братислав Димитров, „Дремка за двајца“, да придонесат за обезбедување поддршка за децата и лицата што живеат со мускулна дистрофија.
Татјана Димовска Атанасова, пријател на здружението МДА, истакна дека целта на иницијативата не е само еднократно собирање средства, туку и поттикнување на хуманост, емпатија и поголема свесност за предизвиците со кои се соочуваат овие лица.

– Нашата идеја не е само еднократно да собираме средства и да ги донираме, туку и да поттикнеме хуманост, емпатија и поголема свесност и грижа за овие лица кои навистина се во незавидна состојба. Дополнително, септември е месец за подигање на свеста за оваа состојба, која погодува многу семејства во нашата држава – рече Димовска Атанасова.
Таа потсети дека е отворена и телефонската линија 143-143 преку која во наредните два месеца граѓаните ќе можат да донираат средства.
– Средствата ќе бидат наменети за обезбедување на потребната поддршка за членовите на здружението – децата и лицата со оваа здравствена состојба, за да им се олесни животот, било да станува збор за здравствена, логистичка или друга помош – додаде таа.

Авторот на книгата, Братислав Димитров, изрази надеж дека настанот ќе поттикне и други да се вклучат во вакви иницијативи.
– Се надевам дека ќе предизвикаме инспирација и кај другите, кои се многу помоќни од нас во секој поглед. Зашто земја, држава што не се грижи за своите деца – навистина нема никаква иднина. Децата се нашата иднина и најдобрите жители на оваа планета – изјави Димитров.

Осврнувајќи се на фактот што токму неговата книга е дел од хуманитарната акција, тој рече дека се надева дека читателите ќе ја прифатат пораката.
– Јас ги објавувам тие приказни на Фејсбук и имаат одличен одзив, многу читатели. Се надевам дека барем некои од тие читатели ќе ја прифатат нашата порака. Тоа е идејата – посочи писателот.
Сопственикот на „Бифе Тафталиџе“, Саша Шотаровски, порача дека поддршката за ранливите категории граѓани треба да биде системска.

– Суштината е да се помогне, да им се најдеме на луѓето, да бидеме луѓе. Наместо да трошиме пари на глупости, подобро е да вложиме во помош – но тоа да биде системски, не спорадично. Ако не ние, ќе направат и други, но мора да постои систем – додаде Шотаровски.
МДА-Македонија е здружение основано во 2019 година од родители на деца заболени од мускулна дистрофија, со цел подобрување на условите за живот, негата и инклузијата на лицата што живеат со оваа ретка болест.
„Дремка за двајца“ е шеста книга со колумни на Братислав Димитров, кој досега има објавено и повеќе драмски текстови, детски пиеси и театарски дела.




