Поранешната пратеничка и актуелен лидер на партијата „Глас за Македонија“, Солза Грчева, реагира на преименувањето на улицата „Втора македонска ударна бригада“ во скопски Чаир, со името на косовскиот Албанец, Адем Демачи.

– Очекувам една улица во Холандија да биде крстена со моето име. Сум живеела и работела таму некоја година. Ете толку има врска со Македонија Адем Демачи, косовски Албанец, борец за Голема Албанија. Втората македонска ударна бригада летна од историјата, како што набргу ќе лета се што е поврзано со антифашистичката борба. Но, доста со плачење. Никој не ни е крив. Се сети некој да именува нешто по имињата на масакрираните од Вејце, Карпалак, полицајците од Диво Насеље? Или се плашиме да не го нарушиме “братството и единството“, фалсификувајќи ја и запретувајќи ги во заборав оние кои ја бранеа државата“, објави Грчева на Фејсбук.