Грчкиот Врховен суд со својата пресуда со која не дозволи екстрадиција на Грујоски и Бошкоски, и двајцата гонети од СЈО, не тресна од земја, покажувајќи колку мизерен и беден правен систем имаме. Елегантно, повикувајќи се на европските пресуди и правни правила, судот констатирал дека и двајцата се аболицирани од претседателот Иванов и со оглед на тоа што аболицијата, еднаш дадена не може да се повлече (инаку имаме ситуација во која денес аболицирам, утре повлекувам, задутре пак аболицирам, па повлекувам…), тие не можат да бидат судени за кривичното дело поради кое се бара нивна екстрадиција, а кое било предмет на аболицијата.

Грчкиот Врховен суд очигледно не го интересираат нашите глупости со повлекување на аболицијата поради притисоците од Брисел и Вашингтон тоа да се стори и поради писмата на тогаш осомничените до Иванов со кои глумеа херои барајќи да ги изземе од актот. Него го интереса само дека потпис на претседател на државата врз таков акт има и дека тука отприлика завршува целата приказна. Така што, што се однесува до судот, шарената банда од „Скопиа“ и нејзините ментори може слободно да се организираат, да отидат до Атина и да пробаат таму да протесираат со презервативи и боја. Како при тоа ќе поминат со грчката полиција и грчките судови, тоа е веќе друга приказна. Зашто, сепак, колку и да не ни е мило тоа, Грција очигледно, не е ни ФИРОМ, ни Горна, ни Илинденска.

Оваа пресуда не е битна заради судбината на двајцата обвинети. Таа е битна зашто со нејзе всушност му се става клуч на врата на СЈО, бидејќи сега е јасно дека секој поединечен случај што неуставното обвинителство на Катица Јанева го води, со сите театри  и глупости, а кој бил опфатен со актот на Иванов, е завршена приказна. Вклучувајќи го и „Тенкот“ односно мерцедесот на Кацарска кој требаше да ја вивне во височините, иако постоеше варијанта Груевски да биде ослободен во овој случај за да се покаже, демек, независноста и професионалноста на судот, а потоа експресно да биде осуден за друг.

Меѓутоа, како и да е, останува прашањето: А зошто ниту еден наш судија не го направи тоа што го направија грчките судии? И зошто т.н. стручна јавност во РМ, освен во по некој чесен исклучок молчеше за сето ова,  иако Врховниот суд во Грција не направи ништо посебно, ниту откри топла вода. Судот едноставно го примени правилото според кое за исто дело на еден обвинет не може два пати да му се суди, откако првиот пат бил аболициран. Правило кое во правото е рамно на операција на слепо црево во медицината. Прилично едноставно и лесно, но без него да го знаете, не можете да оперирате друг орган. И тука нема друга филозофија.

Со тоа пропаѓа и целата револуција во Македонија која наводно се водеше за некаква си борба за слободна држава и се добива уште еден доказ дека тоталното уништување на македонскиот правен состем од 2014 година наваму, имал една цел – не да се крене Македонија како современа држава, туку да се инсталира Заев за да ги потпише договорите со Бугарија и Грција, да ја имплементира Тиранската платформа и на тој начин да го овозможи исчезнувањето на РМ. Гледано политички, токму поради тоа грчкиот Врховен суд требаше да биде како и македонските судии и судови, да не го почитува правото и да ги екстрадира Грујоски и Бошкоски. Но очигледно, таму на југ, владеат некакви поинакви правила, различни од нашите кои се корумпирани до толку, што и на Господ веројатно му се смачило од тоа.

Во секој случај, по оваа пресуда, Катица Јанева и нејзините обвинители слободно можат да одат и да си ги трошат оние четири милиони државни евра на „гучи“, во бањите Лутраки или каде сакаат и како сакаат, бидејќи тие се и над Уставот и над законите во оваа држава која не е држава, но не мора веќе да се малтретираат по судови. Зашто по грчката одлука, сосема е јасно дека порано или подоцна, секој од тие предмети на СЈО кој бил опфатен со актот на Иванов, ќе заврши во Стразбур од каде ќе стигне иста пресуда како и од Атина. Каде што, под итно треба да ги испратиме нашите студенти по право и да ги спасиме од домашната правна мизерија.

Се разбира, ништо од ова нема да се случи. СЈО ќе продолжи да глуми обвинителство, судовите ќе судат по неговите случаи, ние и натаму ќе гледме театри, иако што рековме, во крајна инстанца исходот е познат. Но ќе остане дека сосема неочекувано, Грците ни одржаа таква лекција, ни залепија таков правен шамар, што, да бевме нормална држава, со години ќе ни одѕвонува во ушите.

Нормално, секогаш постојат и ќе постојат и други тези и теории за тоа зошто грчкиот суд пресудил како што пресудил. Но, работата е во тоа што дури и тие теории на заговор да се точни и вистинити, врховните во Атина имаа лесна правна задача и имаа со што така да се покријат, што никој жив на светот не може да им приговори. И тоа е нивниот чадор, и за сонце и за дожд во исто време. Затоа и шамарот што ни го удрија веројатно им е посладок

Дарко Јаневски