Грчкиот заменик министер за миграциска политика Јоргос Кумуцакос предупреди дека на Европа и се заканува нова мигрантска криза.
Кумуцакос на конференција за иднината на миграциската политика на ЕУ во Виена рече дека има драматично зголемување на бројот на мигранти.
Ситуацијата, според него, не е иста како во 2015 година, но предупредува дека претстои нова криза.
Земјите кои се наоѓаат во надворешните граници на ЕУ, критикуваше Кумуцакос, се оставени сами на себе, и без помош и солидарност на другите земји, миграцијата не може да се контролира.
Во седум одвоени случаи во текот на вчерашниот ден грчката крајбрежна служба пронашла и спасила чамци со вкупно 260 бегалци и мигранти, а биле уапсени шест криумчари.
Според официјалните соопштенија од грчката крајбрежна служба, во текот на вчерашниот ден биле регистрирани седум случаи на чамци со мигранти и бегалци лоцирани во близина на островите Лезбос и Кос и градот Александруполи.
Бројот на лица во чамците се движел меѓу 23 и 43.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пак, објави дека во изминатите 24 часа во 10 различни случаи крајбрежната служба спасила 400 бегалци и мигранти, а уапсила тројца криумчари.