Под драконски безбедносни мерки и без традиционалните масовни протести, поради забраната за собири, денеска во Грција се одбележува годишнината од студентскиот бунт против хунтата, јави дописничката на МИА од Атина.

За безбедноста, ангажирани се околу 5.000 полицајци, патролни возила, дронови, цистерни со вода, а затворени се улици и пет метро станици, со оглед на тоа дека од 15 до 18 ноември, поради пандемијата, забранети се собири на четири и повеќе лица.

Токму поради забраната, нема да се одржи традиционалниот протестен марш од Политехничкиот факултет (онаму каде што започна бунтот во 1973 година) до американската амбасада во Атина.

Сепак, одредени анархистички групи и организации, закажаа собири и протести, а утрово мала група членови на Комунистичката партија на Грција се собра пред амбасадата на САД.

Грчката претседателка Катерина Сакеларопулу и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, рано утрово, во одвоени посети положија цвеќе во Политехничкиот факултет, а се очекува истото да го сторат и лидерите на политичките партии.