Вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев пред новите 125 професионални војници на АРМ кога говореше за македонски војници и македонска армија, предизвика реакции во Грција, како кај медиумите, така и кај политичарите.
Извори од грчкото МНР за грчката новинска агенција АНА–МПА коментирале дека конкретниот случај ја истакнува важноста, Договорот од Преспа да стапи во сила.
– Во однос на изјавата на Заев за „македонска“ армија, извори од Mинистерството за надворешни работи истакнаa дека оваа изјава ја потенцира важноста од стапување во сила на Договорот од Преспа. И тоа е бидејќи, како што наведоа истите извори, во договорот јасно се наведува дека придавката за државата, нејзините официјални органи и други јавни субјекти ќе се усогласат со новото име на земјата, односно во конкретниот случај „Армија на Северна Македонија“, објави грчката новинска агенција.
Како што јави МИА од Атина, за конкретната изјава на македонскиот премиер, реагираше преку неговиот официјален Твитер профил и одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос.
– По фамозниот Договор од Преспа, Заев наведува „македонска армија“. Со само една изјава, Заев: ја провоцира Грција, ги урива аргументите од пропагандата на Ципрас – Коѕијас, дополнително го исмејува Каменос и ја потврдува правилноста на одбивањето од Нова демократија, напиша Кумуцакос на Твитер.
Онлајн изданијата на грчките медиуми, го пренесоа ставот на изворот од Министерството за надворешни работи на Грција за АНА-МПА, но и вчерашната изјава на македонскиот премиер.
„Провокација од Заев за македонска армија, што одговара грчкото МНР“; „Заев говореше за македонска армија“; „Одговор од грчкото МНР за македонската армија на Заев“; „Со Преспа одговараат извори од МНР на изјавата на Заев за македонска армија“; „Наводите на Заев за македонска армија го разбудија грчкото МНР“, се само дел од насловите на текстовите во грчките медиуми за вчерашната изјава на македонскиот премиер и реакцијата од грчкото МНР.