Низа нарушувања на грчкиот воздушен простор од страна на турски воени авиони регистрирани се денеска, по посетата на министерот за одбрана Панос Каменос на островот Кастелоризо, објавија грчките медиуми.
Прелетувањата на височина од 25.000 стапки на два турски Ф16 во грчкиот воздушен простор (ФИР Атина) не биле претходно најавени.
Првото нарушување е регистрирано само неколку минути откако Каменос замина од островот Кастелоризо што се наоѓа во близина на Турција. Кусо по полетувањето на хеликоптерот на Каменос, турски воени авиони влегле во грчкиот воздушен простор и летале многу ниско на 4.000 стапки, токму над Кастелоризо.
Коментарите во Грција се дека турските воени авиони се одговор на изјавата на Каменос дека „оној кој нема да ги почитува националниот суверенитет и територијален интегритет на Грција, ќе се урне“, јави МИА од Атина.
Каменос денеска преку неговиот официјален Твитер профил, упати порака дека Грција успешно се справува со турските авиони.
– Денес како и секој ден пилотите на военото воздухопловство ефективно ги запираат турските псевдосилеџии, напиша министерот за одбрана на Грција и објави видео снимено од хеликоптер додека надлетува над грчките острови.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во интервју за Првата програма на Грчкото државно радио, во однос на прелетувањата на турските воени авиони, рече дека „провокативните постапки од другата земја не се пример за моќ, туку се пример за изолација, односно знак на слабост“.