Франција останува воено ангажирана во Сирија, изјави министерката за европски прашања Натали Луазо, јави МИА.

Изјавата на Луазо уследи по вчерашната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп дека Исламска држава е поразена во Сирија и дека американските војници ќе се повлечат од земјата.

– Засега остануваме во Сирија, истакна Луазо запрашана за американското повлекување, што предизвика загриженост на сојузниците.

Таа додаде дека борбата против тероризмот не е завршена.

– Борбата против тероризмот постигна голем напредок. Вистина е дека постигнавме голем напредок во Сирија. Но борбата продолжува, ние ќе продолжиме да ја водиме, истакна Луазо.

Претходно, француската министерката за одбрана Флоран Парли оцени дека ИД не е избришана од картата. Таа нагласи дека ИД е ослабена како никогаш досега и дека преминала во илегала.

– ИД изгуби повеќе од 90 отсто од својата територија. ИД ја нема логистиката како порано. Но, ИД не е избришана од картата, ниту нејзините корени, оцени Парли во пораката објавена на Твитер.

Според неа, на ИД треба да и се нанесе конечен воен пораз и да се уништат „последните „џебови под контрола на терористичката организација“.

Трамп вчера прогласи победа над ИД во Сирија, потенцирајќи дека тоа било единствената цел на американските сили стационирани во земјата.

Белата куќа, при тоа најави повлекување на американските сили од Сирија, каде во моментов се наоѓаат околу 2.000 припадници на Армијата на САД.

Франција, исто така, има припадници на своите Вооружени сили во Сирија, кои примарно им помагаат на силите на сириските Курди во борбата против џихадистите.