Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека британската премиерка Тереза Меј нема друг избор освен да го реализира Брегзит и да избегне втор референдум по тоа прашање, во спротивно ќе биде поткопана довербата во британската демократија.

– Во однос на Брегзит и негова целосна реализација, можам да ја разберам позицијата на премиерката. Се одржа референдум. Што може таа да направи? Таа е должна да ја исполни волјата на народот, која беше изразена на референдум, во спротивно тоа не е никаков референдум, истакна Путин на својата годишна прес-конференција во Москва.

Тој додаде дека односите меѓу Русија и Велика Британија се наоѓаат во слепа улица, но Москва би сакала да ги извади од сегашната ниска точка, надевајќи се дека ќе преовлада здравиот разум.

Путин нагласи дека „Брегзит ќе се одрази врз целата европска и светска економија, но влијанието врз Русија ќе биде минимално и индиректно“.