Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, како што и најави, во грчкиот Парламент достави иницијатива за гласање недоверба на алтернативниот министер за здравство на Грција, Павлос Полакис, предлог кој грчкиот вицепремиер и министер за економија го претвори во инцијатива за гласање доверба на Владата.

Расправата, според одлуката донесена на состанокот на претседателите на Парламентот, предвидено е да почне утре попладне, да трае три дена, а гласањето доверба да се одржи во петок на полноќ, јави МИА од Атина.

Мицотакис објаснувајќи ги причините за доставената иницијатива за гласање недоверба на алтернативниот министер за здравство наведе дека тоа е поради „политичко однесување на Павлос Полакис, со што е премината секоја демократска граница“.

– Слушајќи ве, господине Мицотакис, целосно сум убеден дека вашиот проблем не е Полакис, туку Ципрас и влијанието што го има врз луѓето и Европа. Вашиот проблем е СИРИЗА за која Вие мислевте дека е несреќа, а се покажува дека беше резултат на потребата на општеството, која останува и се зајакнува. Вашиот проблем е тоа што оваа Влада создаде можности за да почне да ги решава проблемите на народот, наведе вицепремиерот и министер за економија, Јанис Драгасакис во неговиот одговор до лидерот на Нова демократија.