На овие избори, грчкиот народ покажа, спротивно на одредени други земји од нашето големо европско семејство, дека во Грција, за фашистички и нацистички структури нема место во грчкиот Парламент, рече претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос во неговото обраќање на приемот по повод 45-годишнината од враќањето на демократијата во земјата, јави МИА од Атина.
Во поздравниот говор пред присутните во претседателската палата, Павлопулос се осврна и на кипарското прашање за кое рече дека е потребно итно решение на одржлив и фер начин.
-Предуслов, а од тоа не отстапуваме и сме обединети во Грција и Кипар, е комплетно и искрено почитување на меѓународното и европското право во целост. Предуслов е, според меѓународното и европското право, почитување на суверенитетот на Кипар, рече Павлопулос.
Приемот кај грчкиот претседател традиционално се одржува секоја година на 24 јули, со исклучок на 2018 кога беше откажан поради катастрофалниот пожар во Мати што се случи еден ден претходно. Токму трагедијата и жртвите ги спомена Павлопулос на крајот од неговото обраќање.
-Оваа година, овде, сите заедно повторуваме, трагедијата во Мати, трагичните жртви во Мати никогаш нема да ги заборавиме, бидејќи тој е вистинскиот начин, никогаш да не се повтори во било каков облик, таква трагедија, рече грчкиот претседател.
Павлопулос им се заблагодари на присутните што „даваат слика на единство, нешто што е толку неопходно за народот“.
На приемот во претседателската палата, присутни беа премиерот на Грција, сите лидери на политичките партии што на минатите избори обезбедија место во Парламентот, но и министри од владата, пратеници и европратеници, бизнисмени и новинари.
Веднаш по обраќањето, Павлопулос, во опуштена атмосфера, на иста маса седна со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, премиерот на земјата, Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, лидерката на Движење на промена, Фофи Генимата, претседателот на Комунистичката партија Димитрис Куцубас, на МЕРА25, Јанис Варуфакис и на Грчко решение, Кирјакос Велопулос.
Традиционалниот коктел и разговор на претседателот на Грција со лидерите на партиите траеше околу 45 минути.