Тројца туристи се здобиле со полесни повреди кога претпладнево на популарната плажа Навагио на грчкиот остров Закинтос од непознати причини почнале да паѓаат карпи од голема височина, предизвикувајќи големи бранови кои ги превртеле чамците и бродовите што во тој момент се наоѓале во близина на плажата.

– Се слушна бучава и падна мал дел од карпа, потоа втор поголем дел и трет дел што создаде вител во морето што ги преврти чамците, изјави за грчката новинска агенција АНА-МПА, очевидец, член на екипажот на еден брод.

Според грчките медиуми, повредени се тројца туристи, додека пак специјалниот Секретаријат за справување со кризи на Министерството за дигитална политика на Грција, преку официјалниот Твитер профил соопшти дека „со возило на брза помош била пренесе 34-годишна жена лесно повредена, а со неа биле и нејзиниот сопруг и двете деца, исто така многу лесно повредени“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според грчката крајбрежна служба, завршен е процесот на пребројување на туристите кои што со бродовите стигнале на „Навагио“ и нема исчезнати лица, додека пак плажата превентивно е евакуирана и е забранет пристапот на бродови и чамци.

Во акцијата за спасување и пронаоѓање на евентуално исчезнати лица на популарната плажа на Закинтос, учествува пожарникари заедно со куче за спасување.