На граничниот премин „Богородица“ утрово од околу три часот е зголемена сообраќајната фреквенција, особено на туристи и патнички возила кои се упатуваат кон Грција за продолжениот викенд, информира командирот на граничниот премин Миле Тошев напоменувајќи дека за изминативе седум часа, на излез се регистрирани околу 4.500 патници.
– Работиме со полн човечки и инфраструктурен капацитет за да ги задоволиме потребите на сите што одлучиле да патуваат преку овој граничен премин. Ангажирани се сите шест сообраќајни ленти од кои пет за патничките и една за транспортните возила. Задржувањето на патниците изнесува од 20 до 30 минути поради обавување на царинските формалности. Толкаво е задржувањето на патниците и на грчката страна од границата. На влез во земјава состојбата е многу порелаксирана, поточно секојдневна, рече Тошев.
Според податоциете од пограничната полиција, од вчера од 12 часот низ граничниот премин Богородица кон Грција се упатиле вкупно 12.200 патници од кои само на излез се регистрирани 10.394 патници. Од нив 8.500 се македонски граѓани, а останатите претежно туристи од Србија.