Во првите 23 дена од јуни, во Грција биле регистрирани 23 давења според податоците од грчката национална организација за јавно здравје.
Државата се наоѓа на шестата позиција меѓу земјите членки на Европската унија, а на светско ниво, на 39-то место меѓу 116 држави, jави МИА од Атина.
Во текот на минатата година 413 лица се удавиле, бројка што е поголема во споредба со 2017 кога биле регистрирани 357 давења.
Според податоците од организацијата за јавно здравје, 67 отсто од давењата се за време на летните месеци, јули и август, 42 отсто се случиле во претпладневните часови, 55 отсто од регистрираните случаи на давење биле на 3 метри од плажата, а 90 отсто на оддалеченост од 10 метри.
Со секој смртен случај, според истите податоци, има 4-20 давења што не доведуваат до смрт, но предизвикуваат последици.
Грчките медиуми во анализите од изминатиот период, споменуваат дека проблемот е и во тоа што нема доволен број на спасувачи на грчките плажи, а за одредени случаи, давењата ќе се избегнеле доколку постоел спасувач.
Само во текот на вчерашниот ден три лица се удавија во Грција во два одвоени случаи во базени на хотели на грчките острови Родос и Крит.
И во двата случаи, на хотелските базени не постоел спасувач во моментот кога се случиле давењата.