Американскиот амбасадор и специјален претставник за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, синоќа како бесмислени ги оцени тврдењата на лидерот на Самоопределување, Албин Курти, за тоа дека договорот од Вашингтон е на штета на Косово, посебно во делот за езерото Газивода.

Тврдењата на косовскиот опозиционер Гренел ги оцени како „луд критицизам“, пренесува порталот Репортери.

-Тоа е целосно луда критика и не би и придавал многу значење. Почетокот на спроведувањето е голем ден, голем процес, политичарите не би биле политичари ако не критикуваат и тоа е во ред. Горди сме на овој договор, ќе видите дека ова не се само празни зборови, рече Гренел.

Косовскиот премиер Авдулах Хоти и извршниот директор на Меѓународната финансиска корпорација за развој (ДФЦ), Адам Болер потпишаа договор за соработка.

Според „Газета експрес“, договорот е потпишан по средбата на Хоти со американска делегација, на која покрај Болер биле и пратеникот на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Рикардо Гренел и претставници на УСАИД и ЕСКИМ.

По потпишувањето на договорот, Гренел рече дека договорот подразбира нови, високо платени работни места.

Тој додаде дека делегација на САД ќе дојде на Косово, додавајќи дека Трамп е горд на економскиот договор и оти им порачал да дојдат на Косово.