Првпат откако се вршат мерења, заврна дожд на еден леден врв на Гренланд, на надморска височина од 2.600 метри, наместо снег, како досега.

Температурите на врвот на Гренланд за време на викендот се искачија над нулата по трет пат за помалку од десет години, јави Си-Ен-Ен. Топлиот воздух донесе силен дожд, кој испорача седум милијарди тони вода на површината на мразот.

Ова беа најпоројните врнежи на ледениот брег на Гренланд од почетокот на мерењата во 1950 година, според американскиот Државен центар за снег и мраз (НСИДЦ), а количината на ледена маса изгубена во неделата е седум пати поголема од дневниот просек за овој период од годината.

Тед Скамбос, виш истражувач, научник од НСИДЦ при Универзитетот во Колорадо, рече дека ова е доказ дека Гренланд забрзано се загрева.

– Ова што се случува не е само топла деценија или две во необична климатска шема. Ова е без преседан, изјави Скамбос за Си-Ен-Ен.