Пратеникот на ОН за Јемен Мартин Грифитс изјави дека иницијативата на бунтовниците Хути за прекин на напади врз Саудиска Арабија „би можела да испрати силна порака за желба да се заврши војната“ во Јемен.

Грифит ова го изјави неколку часа откако Хутите објавија дека ќе ги запрат нападите со дронови и балистички ракети врз Саудиска Арабија, ако коалицијата предводена од Ријад го направи истото и ги прекине нападите врз Јемен, и една недела откако бунтовничката група презеде одговорност за нападот на саудиската нафтена рафинерија.

Пратеникот на ОН повика „оваа прилика да се искористи и да се преземат сите неопходни чекори со цел намалување на насилството, воената ескалација и реторика која не е од помош“.