Протекоа стравични снимки од убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, кој е убиен пред две недели во козулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Таму веќе го чекале убијците. Го измачувале, потоа му ги сечеле прстите, на крај му ја отсекле и главата, а потоа му го распарчиле телото. Турските власти ги преслушале аудио снимките до кои наводно дошла разузнавачката агенција, пишува Њујорк тајмс.

Убиениот новинар кој бил критички настроен спрема Ријад и колумнист на Вашингтон пост, во конзулатот дошол за да реши административни проблем околу својата венчавка. Тука го дочекал тим од 15 агенти, а дел од нив бил директно поврзан со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман.

Веднаш почнале да го измачуваат, а откако му ги отсекле прстите, масакрот бил извршен за неколку минути.

Како што пишуваат турските медиуми, конзулот Мохамад ал Отаби се слуша на снимките: „Извршете го тоа надвор, ќе ми направите проблеми“, рекол тој.

На ова неидентификуван глас од снимката му возвраќа:

„Замолчи, ако сакаш да живееш кога ќе се вратиш во Саудиска Арабија!“

Конзулот го напушти Истанбул и Турција вчера (вторник), а денеска е разрешен од должноста.

Еден од 15-те мина кои го измачувале и го убиле несреќниот новинар, наводно е и д-р Салах Мухамад ал Тубајги, шеф за форензички докази во саудискиот Оддел за општа безбедност и челник на саудискиот Научен совет за форензика. Тој почнал да го сече новинарот додека овој бил уште жив.

Според сведочењето на изворот кој ја слушал снимката, експертот за форензика пред да почне со распарчување на телото на новинарот ставил слушалки во ушите за да слуша музика додека го извршувал злосторот.

– Кога ја работам оваа работа, слушам музика. И вие треба така да работите, им рекол наводно на останатите агенти во просторијата.

Турските служби го обвинија Ријад дека испратил специјално обучена екипа за да го убие новинарот, а саудиските власти тоа го негираат.