Првиот вицепремиер, Груби синоќа правел обиколка на неколку министерства за да види дали штедат струја и се изгасени осветлувањата согласно препораките на Владата. Единствено забележал светло во министерството за екологија, па веднаш интервенирал и му се јавил на министерот Нуредни да реагира. Ги повика граѓаните по примерот на интитуциите максимално да штедат струја, но дури ја даваше изјавата службените автомобили на неколку од присутните постојано работеа, па беше прашан дали во ек на економска криза и штедење, овие правила важат и за него.

“Не знам кои автомобили работат, не сум возач, но секако дека не треба да работат. Сметам дека сите граѓани посебно и институциите треба да бидат пример за штедење и на електрична енергија и на сите државни ресурси. Ве повикувам секојдневно да ги проверуваме сите институции за тоа кои мерки за штедење ги применуваат согласно одлуките на Владата. И пред одлуката на Владата, Министерството за политички систем ги има исклучено сите надворешни и внатрешни осветлувања надвор од работното време.”

Додека првиот вицепремиер повикува на максимално штедење на сите државни ресурси, според него патувањето на дел од владината делегација во Белград на саемот на Отворен Балкан не претставува голем трошок, бидејќи е блиску, а настанот е важен за земјава.