Вицепремиерот Артан Груби во синоќешното гостување во ТВ Алсат изјави дека парламентарното мнозинство, освен со Алтернатива, ќе се прошири уште и со еден-двајца пратеници Албанци.

Притоа Груби не спомна имиња за кои пратеници станува збор.

Зборувајќи за кадровските прашања и министерствата што ќе ги преземе Алтернатива кога ќе влезе во владејачкото мнозинство, Груби одговори дека хипотетички или не хипотетички, што ќе каже Али Ахмети, тоа ќе го направи.

– Локалните избори не се поврзани со централната власт, а владејачкото мнозинство е стабилно, рече Груби.

Тој додаде дека биле направени многу чекори да се води земјата напред, а Зоран Заев бил „клучниот човек што ја унапредил европската перспектива на Македонија“.

Според Груби, Алтернатива е добредојдена во власта затоа што веќе била дел од плодна и продуктивна коалиција со СДСМ и ДУИ.

Груби е оптимист и за „датум од ЕУ“ во декември.

-Оптимизмот доаѓа од поседувањето на информации. Значи имаме целосни информации за случувањата меѓу Скопје и Софија и тоа ни влева целосна самодоверба дека ова прашање може да се надмине. Се обидуваме на 14 декември на состанокот на Советот за општи работи на ЕК да го имаме првиот позитивен сигнал, кој ќе ни ги отвори вратите. Подготвени сме со одговори за кои мислиме дека се удобни за бугарските ставови и ќе овозможат деблокирање на ветото. Целта е во јануари, февруари или март да се реши ова прашање и во месеците од наредната година да се одржи оваа меѓувладина конференција, со која ќе почнат преговорите за членство со ЕУ, рече Груби во гостувањето на ТВ Алсат во емисијата „200“.