Вицепремиерот Артан Груби вели дека убедувањето на Ахмети да се нафати да биде кандидат за шеф на државата оди тешко зашто сметал дека не е во политиката заради функција туку заради успешна мисија, објавува 360 степени.
Идејата е на сите нас, на ДУИ, на гласачите, државата заслужува Али Ахмети да биде претседател – вели вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во интервју за „360 степени“ на МРТ1. Според него, Демократската унија за интеграција се уште нема одлука кој ќе биде нивниот кандидат за претседател на државата, бидејќи прашањето не е дискутирано во партиските органи.
„Немало состанок за определување кандидат за претседател на државата. Убедувањето (на Ахмети, н.з.) оди тешко. Го знаете неговиот став: ‘Јас сум мисионер и не сум функционер. Не сум во политичка партија ниту во политиката за да добијам функција, туку за мисијата да ми биде успешна’. И пред тој аргумент мора сите да се повлечеме. Но, ако прашате кој било член на ДУИ, кој било гласач на ДУИ, секако дека ќе се определи за Али Ахмети“, вели Груби.
Груби негира дека идејата Ахмети да биде претседателски кандидат е лично негова (на Груби, н.з.). Во ДУИ, како што вели, претходно се заговарало Ахмети да биде предложен за прв премиер Албанец, но тој откако дознал за иницијативата, ги пресретнал со свој предлог- Талат Џафери да биде избран за претседател на техничката влада.
За претседателски кандидат имале претходно разговори со опозициските партии на Албанците, но се изјаловиле кога Таравари бил номиниран да влезе во претседателската трка.
„Имавме разговори и со Таравари и индиректно со албанската опозиција да излеземе со заеднички кандидат кој би бил натпартиски, не би бил член или поддржувач на партиите додека Таравари се уште беше претседател на Алијансата за Албанците. Но, за жал, тој дел од албанската опозиција и Таравари кога се присоедини, излезе дека ќе истрчаат со целосно партиски кандидат, претседател на политичка партија и отпадна сето тоа што го разговараваме претходно – да нема втор кандидат Албанец. Сметавме дека тоа многу штети на процесите во земјата по однос на европските интеграции“, вели Груби.
Во ДУИ има многу имиња кои би можеле да бидат претседателски кандидат, почнувајќи од потпретседатели на партијата, секретарите, ветераните, па и непартиски членови – вели Груби. Прашан дали министерот за надворешни работи Бујар Османи би можел да биде претседателски кандидат, Груби вели:
„Османи би можел да биде одличен канидидат. Тој не води кампања во дијаспората за кандидат зашто не е разговарано ниту одлучено во партијата. Но, ќе мора да се донесе одлука скоро зашто на 23 февруари почнува собирањето потписи, кое би требало да трае до 8 март. Кај и да е, неделава ќе дознаеме кој е кандидат на ДУИ што ќе биде победник во албанскиот блок со можност да помине и во вториот круг“, додава Груби.